На денешната средба кај претседателот Стево Пендаровски сите учесници ги реафирмираа ставовите за тоа дека Македонија е за членство во НАТО и за продолжување на преговорите за членство во ЕУ. Друга алтерантива за нас и не постои, изјави вечерва по средбата во вилата „Водно’ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

За предвремените парламентарни избори Мицкоски рече дека тоа беше неминовно по дебаклот на Владата на Зоран Заев и на СДСМ, кога во Бисел беа поразени арамилакот, криминалните афери и неправдите.

На 3 јануари, потврди тој, ќе имаме техничка влада со нов премиер и технички министри и заменици. ВМРО-ДПМНЕ ќе има министри во МВР и во Министерството за труд и социјална политика и тројца заменици во другите министерства. Меѓутоа, персоналите решенија засега не се договорите и тие, рече Мицкоски, ќе се предлагаат и договараат дополнително.

За нас е важен процесот, персоналните решенија дополнително ќе ги предложиме. Важно е дека имаме нова реалност. На 3 јануари ќе имаме премиер и техничка влада, на 12 април ќе имаме победник на изборите, а тоа ќе биде сигурен сум Обновата на Македонија – рече лидерот на опозицијата.

Тој го повтори она што го изјави и претседателот Стево Пендаровски и останатите лидери, а тоа е дека заклучиле дека сите остануваат посветени на европската интеграција и членство во НАТО, бидејќи како што рече „нема друга алтернатива за Република Македонија“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вети дека новата влада еднаш ќе стави крај на злоупотребите, ќе го провери потеклото на имотот на политичарите без оглед на тоа кој е и од каде е.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.