Пописот може да се изведе и да се заврши по сите здравствени протоколи. Консензус на ниво на Светската здравствена организација е дека ниту еден процес и постапка не треба да запре, туку треба да се спроведува со протоколи кои се универзално прифатени во сите земји, истакнува министерот за здравство Венко Филипче.

Тој на онлајн конференцијата организирана од страна на „Рома Интеграцион Центрум“, посочи дека Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести се на располагање за едукација и донесување на протоколи за спроведување на оваа статистичка операција.

Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести сме на располагање на сите чинители кои ќе бидат вклучени во процесот на спроведување на пописот. Ќе дадеме свои укажувања, доколку е потребно може да имаме и мини едукација како тоа да биде организирано од институциите кои што ќе го водат тој процес – истакна Филипче.

Како позитивен пример го посочи изборниот процес кој во делот на спроведувањето на здравствените протоколи помина без ниту една забелешка.

Се ова ни дава право да кажеме и можеме да ве увериме дека процесот со пописот може да се изведе и да се заврши по сите здравствени протоколи – рече Филипче.

Собранието денеска го донесе Законот за попис кој е планирано да се спроведе во првите недели од април годинава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.