Во Кривичниот суд повторно ќе им се суди на обвинетите во случајот „Ликвидација“, меѓу кои е и новинарот Томислав Кежаровски кој се терети за откривање на идентитет на заштитен сведок. Обвинителството, според неофицијални информации, нема да се откаже од тезата дека Кежаровски го открил заштитениот сведок во случајот „Ореше“, кој, пак, финишираше со ослободителна пресуда за обвинетите браќа за убиството на старецот.

И додека тие чекаат државата да ги обесштети за месеците што ги поминаа во притвор обвинетите од „Ликвидација“ во нова неизвесност. Кежаровски на фејсбук обелодени дека предметот повторно се враќа назад.

Врховниот суд ги укина пресудите на Основниот суд Скопје 1 и на Апелација за случајот „Ликвидација“ и предметот го врати на повторно судење, напиша на својот Фејсбук профил новинарот Томислав Кежаровски. Тој за овој предмет беше осуден на 4,5 години казна затвор, а потоа Апелација му ја намали казната на две години.

„Штета Лиле Стефанова нема да го застапува Обвинителството. А толку сакав да се соочам со неа на фер судење. Ајде да видиме дали овој пат ќе има фер судење,“ напиша Кежаровски.

Тој во 2013 година беше осуден за објавување на идентитетот на заштитен сведок во случајот „Ореше“ со што му го загрозил животот. Кежаровски пак, во судницата посочуваше дека тоа не бил заштитен сведок туку лажен сведок кој сведочел по налог на тајната полиција. Другата страна пак тврдеше дека со откривањето на идентитетот на сведокот тој го променил својот исказ.

Кога Кежаровски беше во притвор и додека му се судеше невладините организации поддржани од СОРОС негодуваа дека тогашниот премиер Никола Груевски им суди на новинари кои не му одговараа. Посочуваа дека во земјава суди „сваровско“ судство кое работи по директивата на власта. Постапката која се водеше ја поврзуваа со текст на Кежаровски околу загинувањето на Никола Младенов во кој тој открил работи кои наведувале дека не се работи за обична сообраќајна незгода. Обвинуваа дека власта на Груевски стои зад смртта на Младенов. Тоа неодамна го демантираше неговата сопруга Билјана Младенова, изјавувајќи дека Младенов загинал во сообраќајна незгода поради неприлагодена брзина.

И сега, кога власта е променета, кога Заев ги уреди судството и обвинителството по свое, или како што вели ВМРО-ДПМНЕ, Рускоска-обвинотелство и Кацарска-судство, предметот со Кежаровски се враќа повторно назад. Каде се сега невладините организации финансирани од Сорос? Ќе излезат ли на улица против овој режим кој владее во земјата? Каде се амбасадите и Европската Комисија повторно да зборуваат дека со ова само се потврдува дека нема слобода на изразување, слобода на медиуми.

Единствено се јави ЗНМ кое побара од Основното јавно обвинителство да го повлече, а од Кривичниот суд да го отфрли обвинението против новинарот Кежаровски.

-Изминатите неколку години ЗНМ континуирано даваше поддршка на Кежаровски и тој став принципиелно ќе го браниме се додека не биде задоволена правдата. Затоа бараме ОЈО да го повлече обвинението против колегата Кежаровски, кој беше неправедно обвинет, а потоа и осуден. Со еден ваков потег ОЈО ќе покаже дека конечно одлучува независно и непристрасно во интерес на правдата, рече Чадиковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.