Во моментов на Инфективната клиника во Скопје се врши тестирање на коронавирус на едно лице со симптоми на грип, соопшти вечерва Министерството за здравство.

Од министерството велат дека пациентот имал лесна клиничка слика, немал покачена телесна температура и неговата состојба е стабилна.

Се работи за лице кое денеска со попладневниот лет од Милано пристигнало во Скопје. Патникот поминал низ термалната камера, која кај него не дијагностицирала симптоматологија на болест. И самиот пациент, првите симптоми ги почувствувал по доаѓањето дома, по што се јавил на Инфективната клиника во Скопје и бил примен во 22:00 часот. Од неговото пристигнување на клиниката, пациентот е ставен во изолација, а во моментов кај него се прават тестови согласно утврдениот протокол. Резултатите се очекуваат во следните два часа, за што веднаш ќе ја известиме јавноста, се вели во соопштението од Министерството за здравство.

Претходно, на социјалните мрежи се појавија информации дека има заболен од коронавирус во Македонија кој е хоспитализиран на Инфективната клиника.

„Република“ контактираше со министерот за здравство Венко Филипче и со директорката на Инфективната клиника кои ја демантираа веста. Дали навистина случајот е констатиран подоцна или надлежните се обидоа да прикријат дека има сомнеж дека вирусот стигнал и во Македонија?!

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.