Образованието е клучно за постигнување целосно вработување и искоренување на сиромаштијата и државите со различни конвенции и декларации се обврзаа да се фокусираат на пристапот, еднаквоста и вклученоста, квалитетот и резултатите од учењето во рамките на концептот за доживотно учење.

Тоа ги опфаќа сите возрасни категории, иако често се смета дека се само возрасните лица, и значи и неформално, покрај формалното образование, задоволувајќи широк опсег на потреби и барања за учење.

На Филозофскиот факултет во Скопје почна да функционира Центар за доживотно учење чија цел е да придонесе помош и поддршка на луѓето полесно да адаптираат на промените во општеството.

Центарот беше промовиран на конференција „Денови на доживотно учење“ на која раководителката на Центарот Елена Ризова рече дека тој ќе биде мост што ќе ги поврзува универзитетите и променливите потреби на општеството, пазарот на трудот и професионалниот кадар.

Доживотното учење не нѐ подготвува за живот, туку треба да претставува начин на живот за современиот човек… Процесот на учење не завршува во една фаза од животот, туку подразбира континуиран процес на проширување и збогатување на искуствата на луѓето. Вложувањето во компетенциите, односно во знаењата, вештините и способностите за која било цел, би требало да претставува движечка сила на човекот која ќе го води натаму во животот – порача Ризова.

Таа ги наведе целите на Центарот за доживотно учење и неговите активности, меѓу кои меѓународна соработка, консултантска помош на институциите и претпријатијата, семинари за професионален развој, спроведување обуки, модули, курсеви…

Зборувајќи за концептот доживотно учење, проф. д-р Зоран Велковски посочи на Агендата 2030 за одржлив развој која во делот за образование (четврта цел) бара од земјите да обезбедат инклузивно правично и квалитетно образование и да промовираат можности за доживотно учење на сите, како и на ставот 10 од Инчонската декларација во кој се изразува посветеност на владите да промовираат квалитетни можности за доживотно учење за сите, во сите средини и на сите нивоа на образование.

Според Велковски, државите, вклучително и нашата, треба да постапуваат во согласност на она на што се обврзале и да ги зголемат буџетите и поддршката за концептот доживотно учење.

Инчонската декларација ја подигна границата од 15 на 20 проценти на учеството на возрасните во облици на доживотно учење. Кај нас е 2,4, и тоа е многу, многу под она што значи граница –  изјави Велковски.

Тој посочи дека според предвидувањата, државите кои не посветуваат внимание на овој концепт ќе бидат помалку способни да се приспособат и променат.

Конференцијата ја отвори ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски кој истакна дека доживотното учење е приоритет на секое општество и економија базирани на знаење и дека уште во 2000 година Лисабонската стратегија го нагласува значењето на човековите ресурси и инвестирањето во образованието, обуката и усовршувања за постигнување економскиот раст, зголемување на конкурентноста на пазарот на трудот и намалување на невработеноста.

Јанкуловски нагласи дека има многу причини поврзани, пред се, со глобализацијата, демографските трендови, економските и културните потреби итн., кои укажуваат на неопходноста од итни сеопфатни активности во областа на доживотното учење кои мора да се инкорпорираат во институционални рамки, но и во образовните системи на земјите.

Европската комисија укажува на неопходност од редефинирање на улогата на универзитетот и неговата должност во достигнување на целите на европските стратешки образовни документи – додаде Јанкуловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.