Пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива денеска реагираше дека прашалникот за попишување на дијаспората не е во согласност со членот 34 од Законот за попис во врска со употребата на јазикот. АА и Алтернатива нема да го поддржи законот за поништување на Законот за попис, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ.

-Прашалникот е во спротивност со член 34 од Законот за попис во врска со употребата на јазиците. Член 34 став 1 вели дека апликацијата е изготвена на седум различни јазици и попишувањето се врши со јазикот кое го бира лицето кое се попишува. Имаме документ каде прашањата се на албански одговорите треба да се дадат на македонски, на некои прашања стои само кирилично писмо на македонски јазик. Апелираме до Државниот завод за статистика да интервенира и да се корегира, изјави пратеникот Халил Снопче од Алијанса на Албанците.

Според него, има наши државјани кои живеат надвор од земјата и кои не го владеат македонскиот јазик. Предупредува дека ваква работа може да предизвика давање погрешни податоци.

АА и Алтернатива нема да го поддржат законот за поништување на Законот за попис, по итна постапка, што денеска ВМРО-ДПМНЕ го поднесе во Собрнаието. Снопче потенцира дека тие се заинтересирани овој процес, што веќе започна, да заврши и оти тие и опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаат различни согледувања и забелешки за процесот.

-Вистина е дека ние имавме сериозни забелешки за Законот за попис, дека ниту еден наш амандман не се усвои, дека ние немаме доверба во целокупниот систем и затоа сме толку транспарентни и сакаме да ги изнесуваме нашите забелешки. Меѓутоа, вистина е дека ние сме заинтересирани еднаш засекогаш овој процес да заврши. Македонија е во многу незавидна положба. Дваесет години сме без попис и ние сме смешна држава пред очите на светот, рече пратеникот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.