На четириесеттиот ден од прорекувањето на пророкот Зоран дека Катица Јанева ќе замине од Шутка, правосудството ѝ удри многу четки и замачка многу очи на јавноста.

Маскарадата што ни ја приреди овој ден почнува со заминувањето на Јанева од протворот маскирана како нинџа, па продолжи со смирувачките ноти од Апеалција, да бидеме спокојни, зашто пасошот на Катица бил кај нив на сигурно, па кулминира со заканите на лутата Рускоска, која најави финансиска истрага за судиите кои ѝ дозволиле куќен притвор на Јанева… Голем театар за само еден ден.

По лидерската средба за Законот за јавно обвинителство што се одржа во Собрането, меѓу делегации предводени од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и премиерот во заминување Зоран Заев, пратеникот Антонио Милошоски, кој е дел од преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, објави дека премиерот Зоран Заев на срдбата изјавил дека Јанева излегува од притвор за десетина дена.

Заев најави дека за десетина дена Јанева од Шутка ќе се префрли во куќен притвор. Како може премиерот да ги знае одлуките на Судот пред да бидат донесени, праша Милошоски изнесувајќи став за последната лидерска средба.

Премиерот во заминување ги демантира обвинувањата од пратеникот Милошоски дека на лидерската средба кажал оти специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за 10 дена ќе биде пуштена во домашен притвор.

Тоа се лажги со опашки. Строго ги деманитрам ваквите лаги бидејќи на лидерската средба кога се отвораше дебатата зошто воопшто се преговара кога предметите поминуваат во Јавното обвинителство, мојот коментар беше оти од Ирена Фрчковска сум информиран дека е логично Јанева да бара да ги достави предметите заради одговорност, но веројатно и жената да си бара олеснителни мерки во истрагата заради невлијание на сведоците, невлијание на предемтите. И тоа е коментарот за да продолжиме да преговараме. Вака некој со лаги тоа да го злоупотреби е нечесно кон јавноста и нека му е на чест на Милошоски, изјави Заев.

Со оваа изјава премиерот во заминување ја вклучи во целата мешаница и адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска, која во интервју го демантира премиерот Заев дека го информирала за тоа дека нормално е за Катица Јанева да побара поблага мерка и да искориски некои олеснителни околности.

Фрчкоска вели дека целата таа изјава погрешно е интерпретирана и средбата се случила во времето кога Јанева испрати допис до Јавниот обвинител на Република Македонија со кој ја префрла надлежноста на предметите од СЈО во надлежност на Јавниот обвинител.

Тоа беше за ургентноста, за итноста за важноста на одлуката за Јанева со една писмена согласност да ги префрли предметите од надлежност на СЈО во надлежност на ЈО. Тоа отвори една голема дискусија и предизвика една турбуленција во правниот систем и во понатамошната работа на СЈО и беше од интерес и за Владата и за правниот систем, рече тогаш Фрчкоска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.