Под мотото „Горди и гласни“ годинава на 24 јуни ќе се одржи „Парадата на гордоста“, на прес-конференција најавија претставници од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

Почетната точка ќе биде во паркот „Жена-борец“, каде што во 17 часот ќе почне собирањето на учесниците, а во 19 часот по кратки поздравни говори, ќе почне протестниот марш по скопските улици според истата рута како и минатите години. Маршот ќе заврши со културно-музичката програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.

Како што изјавија на прес-конференцијата, напредокот на полето на правата на ЛГБТ+ луѓето не е изедначен, ниту пак е доволен, а постојано е соочен со напади од сили кои се противат на универзалните човекови права. Организаторите додаваат дека токму затоа, „Прајдот“ останува важна форма на протест на ЛГБТ+ заедницата против стигмата, предрасудите и насилството.

Во ваква непријателска средина кога говорот на омраза и насилствата се во пораст, а хомофобијата и трансфобијата стануваат доминанта позиција на носителите на моќ, да се биде Горд и Гласен претставува отпор и протест против системот кој угнетува. ЛГБТИ заедницата минала низ многу тешки периоди, ќе минеме и низ овој само со исправена глава, горди и гласни во остварувањето на нашата визија за свет на еднаквост и просперитет“, изјави Ирена Цветковиќ.

Новините во програмата на „Скопје Прајд“ ги соопшти Кочо Андоновски, кој истакна дека парадата се отвора како платформа за многу други каузи.

Се отвараме за други групи кои сакаат својата порака да ја пренесат на јавноста. Тие беа присутни и во изминатите години, но тоа не беше организирано и некако се губеа сите тие пораки и транспаренти, така што оваа година ги повикуваме сите оние кои имаат свои кампањи, различни активности и сакаат да бидат препознаени со своите пораки и свои обележја да ни се јават, изјави Андоновски.

Според организаторите, „Скопје Прајд 2023“ ќе понуди богата културно-забавна програма, со музички настапи во живо, настапи на дрег кралици од земјата и регионот и Диџеј сетови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.