Предложените измени во Законот за јавнообвинителската служба, со кои ингеренциите врз Специјалното јавно обвинителство ќе ги има државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, во Собранието ќе се разгледува в среда на 11 декември.

Со овие измени се предвидува Јовески да може да ги потпишува налозите за сите трошоци на СЈО, за неисплатените плати на вработените, а ќе има и надлежност врз истражителите во оваа институција.

За сите прашања кои се однесуваат на работниот однос на јавнообвинителските сужбеници и лицата вработени во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите кои вршат технички и помошни работи одлучува Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите или Јавниот обвинител на Република Северна Македонија доколку нема избрано Јавен обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, стои во предлог-законот.

Измените не предвидуваат дали државниот јавен обвинител ќе има ингеренции и за документацијата во СЈО. Неодамна ревизорите кои влегле во СЈО за проверка на исплатата на бонусите и додатоците за доверливост не можеле да земат документи без овластен потписник на институцијата.

Вработените во СЈО веќе три месеци не земале плата, од пред два дена службените мобилни им се исклучени поради неплатени сметки, не се платени сметките за струја, парно, вода…

На 14 септември специјалната обвинителка Катица Јанева, обвинета во „Рекет“, беше разрешена, а од 15 септември обвинителите преминаа во Основното јавно обвинителство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.