МЗШВ ги демантира наводите за наводните трошоци направени од страна на министерот Аријант Хоџа за време на неговиот мандат.

Од министерството велат дека станува збор за изнесени невистини пласирани со цел да му се наштети на угледот на министерот Хоџа и да се обезвреднат постигнатите резултати од неговото работење.

– Ваквиот срамен чин ние го разбираме само како страв од успехот кој министерот Хоџа го постигна за многу кратко време. Очигледно дека тоа некому му пречи, па се обидува преку груби невистини да нанесе штета не само на министерот туку на целиот сектор земјоделство, кој тој успешно го води. Земјоделците одлично го прифатија, тој за кратко време ја стекна нивната доверба, постојано нагласувајќи дека процесот на унапредување на земјоделството ќе биде воден партнерски, заедно со нив, стои во соопштението.

Додаваат дека согласно алатката за отчетност на носителите на јавни функции, сите информации се јавно достапни на веб страната на Владата на РСМ и дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство редовно ги доставуваа информациите за финансиските трошоци како и наративните извештаи за активностите на министерот.

За случајот во кој од страна на неколку медиуми беше пласирана информација околу трошоците на министерот, како што соопштија од МЗШВ, ќе биде побарана одговорност за штета нанесена на честа и угледот на министерот Арјанит Хоџа, согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.