Министерството за здравство (МЗ) целосно ги отфрла шпекулациите и обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека носител на банкарската гаранција за изградба на новата Клиничка болница – Штип е компанијата подизведувач „Бетон“ – Штип.

Ја информираме јавноста дека од моментот на потпишување на договорот до денес, постои валидна банкарска гаранција, каде што корисник е Министерството за здравство и е на име на фирмата изведувач „Интракат“, стои во реакцијата.

Валидноста на банкарската гаранција е писмено потврдена од издавачот на гаранцијата во 2016 година, Комерцијална банка, а потоа и од издавачот на гаранцијата во 2019 година, Стопанаска Банка-Скопје кога спогодбено се пролонгираше рокот за изведба.

Министерството потенцира дека во ниту една јавна набавка нема никаков правен однос со подизведувачите на фирмите и во ниту еден случај, па ни во во овој, не е примена банкарска гаранција од подизведувач.

Што се однесува до дополнителните седум милиони евра потребни за изградба на КБ Штип, не станува збор за зголемени трошоци, туку за проект кој го наследивме со сериозен надостаток. Во овој проект не беше предвидена електрика. Бидејќи проектот е финансиран со заем од Банката за развој при Советот на Европа (CEB), експерти на Банката доаѓаа за технички проверки, укажаа на недостатоците и побараа ревизија на проектот. По направената ревизија, на крајот на 2018, констатирано е дека ќе треба дополнителни средства за да се надополни и модернизира проектот согласно новите европски стандарди за градење на болници. Потсетуваме дека договорот за изградба на Клиничката Болница Штип е склучен во 2016 година, како проект финансиран од (CEB) – LD 1826, за што постои потпишан договор за заем и закон за задолжување и како постапка се спроведува согласно процедурите на CEB. На секој чекор од постапката, извештајот за евалуација, финалниот текст на договорот и сите анекси, кредиторот, пред потпишување на истите дава “No Objection” (Без приговор) со што потврдува дека конкретната постапка за јавна набавка е спроведена согласно утврдената процедура, наведува Министерството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.