Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, од вчера попладне е недостапен, и полицијата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на обвинителството викендот го донесол Кривичниот суд.

Од МВР за МИА потврдија дека му е одреден куќен притвор и оти се преземаат мерки и активности за негово пронаоѓање.

Обвинителството побарало куќен притвор поради опасност од бегство во пресрет на објавувањето на пресудата за предметот Таргет-Тврдина в петок, а во кој Мијалков е еден од обвинетите. Од Јавното обвинителство за ТВ24 потврдиле дека судот не му одредил притвор, туку поблага мерка куќен притвор.

Но, засега ниту од обвинителството, ниту од судот, нема официјална информација. Велат дека ќе има соопштение во текот на денот.

На сајтот на МВР не е објавена потерница по Мијалков, кој, според репортерите на ТВ 21 последен пат бил виден вчера околу 14 часот во барот „Дистрикт“ во  хотелот „Мериот“.

Подоцна, во текот на вчерашниот ден бил баран на повеќе адреси во Скопје, но не бил најден.

Обинителството во завршните зборови за Таргет-Тврдина побара максимална казна за Сашо Мијалков

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.