МВР призна дека ќе се гради центар за странци бидејќи е потребно да се подобрат капацитетите на веќе постоечкиот. Ова, како што објави Прес24, е прва институција која јавно одговори дека документите за изградба на ваков центар во Бардовци се точни.

Директорот на БЈБ вели има нова локација, но тој не располага со елаборатот. Лазовски тврди дека нема опасност од враќање на мигранти во земјава од државите на ЕУ.

Во Стратешкиот план на МВР за 2018-2020 пишува дека парите за овој центар ќе бидат обезбедени од странски донации. Ја посетивме локацијата која е наведена во годишната стратегија за урбанизам на Владата, објавена во Службен весник, за што вчера премиерот Зоран Заев тврдеше дека е лага и вели дека никој не побарал ниту пак ќе се градат бегалски кампови во Македонија.

Се работи за површина од околу 7 хектари на која има запуштени воени магацини и ниви. Местото е веќе оградено и според стратешките планови би требало да се изгради до крајот на следната година.

Во Центар за странци досега беа сместувани дел од мигрантите. Во најголем број на почетокот од бегалската криза.

Во меѓувреме, на состанокот во Виена претседателот на ЕК Жан Клод Јункер најави дека извршното тело во септември ќе претстави предлог за заштита на надворешните граници на Унијата. Австрискиот канцелар Себастијан Курц и неговиот заменик пак порачаа дека Австрија нема да ги прифати вратените бегалци.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.