Министерството за внатрешни работи преку оперативен лизинг изнајмува 9 возила од две автомобилски компании за кои за 3 години ќе треба да плати речиси 307.000 евра и потоа ќе треба да ги врати. Во просек, за тие 36 месеци, Министерството ќе плати по 35.000 евра за возило, сума која е приближно иста со основната цена на возилата, без дополнителната опрема, доколку ги купи од автосалон и станат сопственост на МВР. Возилата се за Бирото за јавна безбедност, а во нив ќе се возат ВИП – личности, делегации и гости.

Договорите се склучени на крајот на јули, а тендерот го добиле компаниите „Порше лизинг“ и „Еуроимпекс“. „Порше лизинг“ за сума од 247.000 евра треба да изнајми 7 патнички возила марка „шкода суперб амбишн“, кои МВР ќе ги користи во наредните 36 месеци и ќе ги врати. Или, Министерството ќе плаќа месечно по речиси 1.000 евра по возило или околу 35.000 евра за три години. Притоа, договорот предвидува дека полицајците за тие три години треба да поминат до 100.000 километри, а секој нареден километар Министерството ќе го плаќа дополнителни 17 денари.

Договорот, пак, со „Еуроимпекс“ е вреден речиси 60.000 евра, кои МВР треба да ги исплати на компанијата за тригодишно изнајмување на две комбиња од моделот „пежо травел“. Или месечно, за лизингот МВР треба да плаќа по 1.200 евра за комбе. Со овој договор доколку полицајците извозат повеќе од 100.000 километри за трите години, Министерството ќе треба да плаќа по 30 денари за секој нареден километар.

Цените на „шкода суперб амбишн“, какви што изнајмува МВР во автосалон во земјава, изнесуваат околу 35.000 евра без дополнителна опрема. А МВР само за изнајмување за три години ќе треба да плати по околу 35.000 евра по автомобил и да ги врати. Додека комбињата од моделот „пежо“ во автосалон чинат од 30.000 до над 46.000 евра.

(Извор – Независен.мк)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.