МВР ќе добие целосно нова зграда за потребите на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, а лабораторијата на македонската полиција ќе биде најсофистицирана во регионот. Зa проектот финансиран од Европската унија ќе бидат потрошени околу три милиони евра (3.088.527,77 евра), а се очекува да биде заокружен за 18 месеци.

Новите простории ќе обезбедат доволен простор за складирање, третирање, обработка и архивирање на докази, што ќе овозможи правилно спроведување на оперативните процедури и системите за контрола во согласност со веќе дадените препораки, со што ќе се утврдат основите за акредитација на лабораторијата според стандардите на ЕУ.

Прва форензичка лабораторија во регионот со систем за управување МКС EN ISO/IEC 17025:2018

Одделот има воспоставено систем за управување со квалитет согласно барањата на меѓународниот стандард МКС EN ISO/IEC 17025:2018 со што ОКТИВ е прва форензичка лабораторија во нашиот регион која успешно ги имплементираше новите барања од стандардот ИСО 17025. Опсегот на акредитација вклучува методи од неколку лаборатории и тоа: ДНК идентификација на траги, ДНК идентификација на лица, наркотични дроги, спорни документи, огнени оружја и балистика и предизвикување траги од папиларни линии.

Од почетоците на фотолабораторија и лабораторија за дактилографска идентификација, преку формирање лабораторија за откривање фалсификувани потписи, ракописи, печати и идентификација на машини за пишување, Крим-техника сега веќе ќе ги добие и лабораториите, кои ќе бидат опремени со електронска контрола на пристап, специјални огноотпорни врати, аларми и апарати за гаснење пожар, видео надзор, заштитени прозорци, соодветен систем за вентилација, како и соодветни простории за складирање.

Оваа служба денеска функционира во рамки на Бирото за јавна безбедност, а е организирана преку централни лаборатории односно ОКТИВ и подрачни организациски единици на криминалистичка техника при секторите и одделенијата за внатрешни работи.

Нов проект „Надградба на постоечкиот софтвер за идентификација

Во оваа насока е уште еден проектот на Министерството за внатрешни работи, тесно поврзан со овој кој веќе се реализира, а тоа е „Надградба на постоечкиот софтвер за идентификација“, за кој се превидени средства во Предлог буџетот на МВР за 2021 година, а со кој ќе се овозможи откривање траги од папиларни линии од прсти и дланки, како и овозможување на идентификација на ликови од фотографии.

Со овој проект се зголемува откривачката функција на полициските служби, а придобивките ќе ги почуствуваат сите граѓани погодени од криминални дејствија од различен тип. Со постоење на ваков систем сериозно ќе се зајакнат позициите на нашата држава пред меѓународните фактори, вклучително и во процесот на преговори со Европската Унија.

Дејност и области на работа на ОКТИВ

Основната дејност на Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења (ОКТИВ), е спроведување вештачења и анализи на предмети и траги обезбедени при вршење истражни дејствија, согласно важечката законска регулатива и меѓународни стандарди и упатства. По потреба, работниците од ОКТИВ учествуваат и во увиди на место на настан, како поддршка на подрачните организациски единици на криминалистичка техника, а исто така, може да учествуваат и во други дејствија како што се: документирање на настани, судски расправи, реконструкции и слично.

(фото: архива)

Областите на работа, кои во моментов ги покрива ОКТИВ, вклучуваат: биолошки испитувања и ДНК идентификација на траги и лица, предизвикување траги од папиларни линии и дактилоскопија, криминалистичка регистрација и идентификација на лица по отпечатоци од прсти и дланки, токсикологија и дроги, спорни документи, огнени оружја и балистика, микро траги, пожари, експлозии и експлозивни направи, механички траги и моторни возила, полиграфски испитувања, фото-робот, фото и видео техника.

Како почна и се развива ОКТИВ

Почетоците на криминалистичката техника во нашата држава се поврзуваат со една импровизирана просторија, која потоа се проширува на неколку простории, еден кат, повеќе ката. Во моментов, ОКТИВ е лоциран во објект првенствено наменет за административна работа. Истиот е неколку пати реконструиран со цел да се задоволат основните лабораториски потреби при што се преземани градежни активности за преадаптација на канцелариите во лаборатории, инсталација на системи за вентилација, замена на стандардните подни површини со подови наменети за лабораториски активности.

Службата за криминалистичка техника, како дел од полицијата е формирана со цел вршење истрага на место на настан, обезбедување и подигање материјални траги, нивна анализа и вештачење, како и преземање други криминалистичко-технички дејствија. Во првиот период од формирањето, постоеле само фото лабораторија и лабораторија за дактилоскопска идентификација чија надлежност, главно, била фотографирање на местото на настан, на сторители и осомничени лица, како и земање отпечатоци од прсти (дактилоскопски материјал).

Во шеесеттите години се формира лабораторија која врши откривање на фалсификувани потписи, ракописи, печати, како и идентификација на машини за пишување. Потоа почнуваат да се развиваат нови лаборатории – хемиска, физичка и биолошка, во кои, на почетокот, се изведувале само едноставни анализи од соодветната област. Со зголемување на обемот на работа, постоечките лаборатории се модернизираат и опремуваат со современа инструментална техника, а воедно се формираат и други нови лаборатории. / МИА

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.