И покрај постигнатиот договор со Алтернатива и зголемување на парламенатрното мнозинство неизвесно е дали новиот мандатар ќе успее во преговарачкиот процес за распределба на министерските места. Токму за ова предупредуваше ДУИ која инсистираше Зоран Заев да остане на позицијата до 2024 година затоа што според нив со новите преговори дополнително ќе се усложи целиот процес затоа што ќе се зголемат апетитите на партиите.

Аналитичарот Алберт Муслиу за Телма вели дека политичарите мора да бидат одговорни пред граѓаните а не да гледаат само за своите интереси.

-Најтешкиот дел од преговори е секако тој за распределба на функциите. Во парламетот во секој момент може да има 61 пратеник, да го распуштат парламетот и да влезат во нов изборен циклус и тоа е суверено право на сите пратеници поединечно. Ако нивните интереси на таа поделба на власт се оштетени, тогаш имаат право да негодуваат. Ако тоа е сторено на товар на ДУИ или на СДСМ, тогаш нивното членство има право да негодува.

Муслиу смета дека е недозволиво повторно во владата да има министри без ресор, функции кои претходно беа укинати токму од оваа власт.

– Тоа се случува за мир во куќа и за зголемување на парламентарното мнозинство. Тоа е факт, не дека неочекувано излезе некоја дополнителна потреба за некои ресори кои се укинаа. Не би ме зачудило некои од овие нови министерства без портфолио да бидат и за другите коалициски партнери. Можеби ова е дел од преговарачката стратегија на коалициските партнери. Но тоа низ што поминаа како владино мнозинство, имаат сите свој удел. Зошто дојдовме ние во ситуација да треба да се зголемува мнозинството, Заев даде оставка во партијата, таму ќе има избори, ќе имаме најверојатно нов мандатар… Значи сите овие процеси ние како општество ги минуваме затоа што политичарите многу тесно гледаат на своите потреби. Да го гледаа општото добро ова ќе поминеше многу побрзо и без многу галама – вели Муслиу.

Очекувањата се дека целиот преговарачки процес ќе отпочне кога ќе завршат внатрепартиските избори во СДСМ и ќе се избере нов лидер кој ќе биде и новиот мандар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.