Секогаш кога се воделе тајни преговори како дел од надворешната политика, тие биле на штета на државата. Видовме таква изјава од министерот Османи и не само ние како политички субјект, туку и како севкупна јавност очекуваме да добиеме одговор за што точно се преговара со нашиот сосед, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавата на Османи дека постои документ меѓу Македонија и Бугарија.

Муцунски истакна дека тоа треба на јавноста да и биде презентирано, но исто така има институции на системот како што е Собранието на Република Македонија кое доколку има таков документ, на затворена или отворена седница на Комисијата за надворешна политика истиот треба да биде презентиран.

Се стремиме да одиме кон правец на најразвиените демократии, но не ги почитуваме принципите на најразвиените демократии. Да се разговара за национални интереси, мора да се воспоставува консензус. Не може потоа, откако ќе се постигнат некои договори за кои многу малку луѓе знаат во државата, да се очекува од опозицијата бланко да ги прифаќа истите. МНР и владата на македонската јавност да и објаснат точно за што се преговара и да најдат институционален начин преку кој на сите политички субјекти во државата ќе им биде објаснето кои чекор се преземаат и во која насока се водат преговорите, потенцира Муцунски.

Муцунски му порача на Османи дека треба да се потсети и самиот дека е избран од Собранието како министер, одговара пред Собранието и мора пред него да се  презентира што во моментот се случува, бидејќи со ваквите чекори се создава недоверба што им носи штета на националните интереси.

Гледате дека додека во Бугарија се работи на постигнување на консензус, додека кај нас има скриени договори и на граѓаните не им е јасно што точно се случува, изјави Муцунски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.