Овие денови ќе останат запаметени како најсрамните денови во современата македонска нација. Ова е влада која последните години ја опустоши државата, држава сме со најнизок раст на БДП, највисок степен на корупција, оваа иста влада го смени името на државата под кампањата наречена „За европска Македонија“ и тогаш мислевме дека го допреа дното, а денес го пробушија, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски за „Тема на денот“ во дневникот на Сител, потенцирајќи дека ова е истиот предлог од пред две недели и дека ако се прифати тоа ќе значи национална катастрофа за Македонија и македонскиот идентитет.

Муцунски истакна дека таа слика која ја видовме денес во владата фигуративно беше слика на гробарите на македонскиот идентитет и ова е срамно што се случува и додаде дека мора да бидеме максимално внимателни по однос на содржината за тоа што се разговара, бидејќи имаме масовна продукција на лажни вести и информации од Илинденска за тоа што содржи овој предлог.

Јас сум еден од најголемите поборници за европеизација на Македонија, но по вредностите на Шуман, која поттикнува од процес на консолидирање на минатото, гледајќи кон иднината и економски напредок, а не европеизација која во својата содржина како овој предлог се презентира како врвен успех, а се вклучува одредба од билатерален договор помеѓу две држави каде се бара во рамки на процесот на преговори со ЕУ да се следат годишни прегледи и мерки за ефективна имплементација на членот 12 од договорот. Тоа значи дека Бугарија утре може да каже дека учебниците се неприфатливи за нив и тоа ќе значи дека нашите учебници каде се дефинира кој е Гоце Делчев, какво е Илинденското востание, веќе стануваат европски проблем. Тоа владата го претставува како колосален успех, рече Муцунски.

Муцунски посочи и дека амбасадор на земја членка на ЕУ денеска јавно кажа дека се работи за истиот предлог.

Сите чинители во Бугарија велат дека се работи за истиот предлог со семантички измени. Сега не стои протокол туку е дефиниран како годишни прегледи и мерки. Првата дезинформација и лага е дека се работи за различен предлог, ова е истиот предлог кој пред две недели беше одбиен, рече тој.

Муцунски нагласи дека негов став е дека ова е национална катастрофа за нашата држава и за нашиот идентитет.

Видов сличен став дури и на Карл Билт кој е еден од најсилните промотори на европска интеграција и дека ова е предлог кој ќе го усложни процесот. Со жалење морам да констатирам, дека доколку ние како држава и нација го прифатиме овој предлог, ние жалам што ќе си го усложниме патот, и можеби никогаш нема да станеме членка на ЕУ, истакна Муцунски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.