Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Марија Петровиќ, амбасадорка на Република Црна Гора во земјава.

На состанокот се потврдени традиционално добрите, пријателски односи помеѓу двете држави, без отворени политички прашања и е споделена определбата за унапредување на соработката.

Разговарано е за можностите за одржување заедничка меѓувладина седница, со цел унапредување на соработката во областа на економијата, со фокус кон инфраструктурни проекти, важни за олеснување на движењето на граѓаните меѓу двете држави, коишто партнерски соработуваат во одбраната, како членки на НАТО.

Констатирано дека развојот на добрососедските односи е од голема важност за подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните од државите во регионот, како и за развојот на конкурентни економии кон Европа.

Во однос на евроинтеграциите на Македонија и на државите од регионот, оценето е дека се тие од геополитичко значење и за самата Европа, којашто треба да ги валоризира ефикасните надворешни политики поставени на линијата на политиките на ЕУ и застанувањето на правилната страна, во однос на руската агресија врз Украина.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за поддршката од Црна Гора за членството на Македонија во НАТО. Тој посочи дека Република Македонија, преку принципиелен дијалог ги развива добрососедските односи и дека државата и понатаму останува фокусирана на политики базирани на меѓусебно почитување. Во тој контекст е посочено на вчерашниот историски чин на признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА, од страна на СПЦ, со што повеќе нема отворени прашања и помеѓу Македонија и Србија.

На средбата е оценето дека стратешкиот дијалог на Македонија со САД носи придобивки на економски и образовен план.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.