Интензивно се разговара со бугарската страна во рамки на декларацијата на Собранието и нашите црвени линии и интереси, а дали ќе се постигне договор тоа сега зависи од Бугарија, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Можно е фер решение. Сметаме дека најдобро е процесот да се заокружи со сеопфатен документ, кој што јасно ќе ги утврди обврските и на наша, но и на бугарска страна. Секако сме разговарале за тоа и досега, се останато е на неодреден терен. Формата е помалку важна, важна е содржината кои чекори да се направат и тие да водат кон тргање на ветото, па да имаме попријателска агенда. Ние ги водиме разговорите на таа основа. После настанот во Битола има одреден застој, но комуникацијата не е прекината – рече Маричиќ во интервју во Дневникот на ТВ Сител.

Тој повтори дека земјава е подготвена да ги почне преговорите со ЕУ, а дали тоа ќе се случи зависи од позицијата на Бугарија, но и од амбиентот што ќе се создаде во Унијата. Во контекст на војната во Украина и сите кризи кои ни се случија нам и на Европа, вели вицепремиерот, вистински момент е тоа да се случи за време на француското претседателство.

Тој додаде дека не е дефинирано дали договорениот документ со Бугарија ќе биде дел од преговарачката рамка, но во секој случај таа рамка ќе содржи елементи од договореното со Бугарија.

Ние сме должни да бидеме оптимисти за почетокот на преговорите, но тоа не значи дека по секоја цена ќе постигнеме договор – рече Маричиќ.

Тој нагласи дека јазикот и идентитетот не се дел од преговорите. Маричиќ повтори и дека кога ќе биде поконкретно дефинирано решението со Бугарија тоа ќе биде споделено со јавноста и опозицијата, бидејќи за дел од точките ќе треба да се усогласат ставовите на сите политички актери.

Во однос на иницијативата „Отворен Балкан“, Маричиќ истакна дека таа ќе носи придобивки за граѓаните без да се прави голема политичка рамка околу процесот.

Политичката идеја за ‘Отворен Балкан’ е да се спроведат практични работи кои овој регион ќе го отворат за поголеми инвестиции од земјите членки на ЕУ и САД. Да го олеснат животот на граѓаните преку имплементација на четирите слободи на ЕУ  – рече Маричиќ.

Тој очекува црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ да присуства на следниот состанок на „Отворен Балкан“, во јуни, чиј домаќин е земјава, бидејќи тој веќе изрази желба Црна Гора да се приклучи во процесот.

За идејата на францускиот претседател Емануел Макрон за „европска политичка заедница“, Маричиќ смета дека таа не се однесува на земјите од Западен Балкан, за кои во два наврати е потврдена европската перспектива – на самитите во Солун во 2003-та и на последниот во Брдо кај Крањ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.