Министерството за образование и наука соопшти дека првиот училишен ден помина успешно за најголем дел од учениците во државата. Физичката настава, онаму каде што Владината комисија утврдила дека има услови, се одржува согласно протоколите пропишани од здравствените власти.

Од Министерството посочуваат дека платформата „Microsoft teams“ се покажа како стабилна за одржување онлајн настава и во најголем дел учениците и наставниците денеска се приклучиле успешно или со помали тешкотии. Од утрово, како што потенцираат, успешно се реализира и емитувањето на 15-минутните часови на телевизија преку Националната радио телевизија за што однапред се објавени распоредите.

Исто така, Министерството за образование и наука укажува дека одлуката за следење настава со физичко присуство ја носат здравствените експерти.

Следејќи ги нивните насоки, при организација на наставата МОН имаше два приоритети – заштита на здравјето на сите учесници во образовниот процес и обезбедување пристап до образование за секое дете. Бојкот на наставата целосно го деградира образовниот процес, а најголемата штета од ова ја трпат токму децата. Образовниот процес мора да продолжи – клучно за развојот на секое дете е да ја следи наставата, без разлика дали е тоа онлајн, или со физичко присуство, посочија од Министерството.

Оттаму апелираат сите да останат посветени и доследни на одговорноста која, како што велат, секој од нас ја носи во заштита на здравјето на децата, но и на јавното здравје.

Оваа година е несомнено различна од сите останати. Меѓутоа, она што е важно е што сите ученици имаат можност да следат настава и се во континуирана комуникација со наставниот кадар. МОН, заедно со сите учесници во креирање на онлајн платформата продолжува и понатаму будно да ја следи состојбата на терен. Надлежните власти продолжуваат да ја следат епидемиолошката слика во секоја општина и да носат одлуки согласно актуелната состојба, се наведува во соопштението на МОН.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.