Министерството за образование и наука (МОН) им наложи на учениците и студентите кои во изминатите две недели престојувале во Кина и Италија, земјите каде има најголем број заболени од коронавирус да не доаѓаат на училиште или на факултет.

Ова откако денеска беше соопштено дека во Македонија 50-годишна жена е првиот заразен пациент со коронавирус.

Во најкус можен рок по телефонски/електронски пат потребно е образовните установи да обезбедат информации од сите свои вработени, ученици и студенти – дали во последните 2 недели патувале или живеат со некој кој патувал во следниве земји/региони: Ломбардија, Венето, Емилија Ромања и Пиемонт во Италија, како и во Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореа, Сингапур и Тајван.

Лицата кои ќе дадат потврдна информација потребно е да не доаѓаат на работа, односно да не посетуваат настава, додека не добијат соодветни инструкции, односно совети за следни чекори што ќе треба да ги направат зависно од ситуацијата и од планот на надлежните здравствени институции и Владата, се вели во соопштението на МОН.

Согласно заклучоците донесени на 11-та владина седница одржана во текот на вчерашниот ден, а во врска со заштита на јавното здравје во услови на брзо ширење на корона вирусот на глобално ниво, Министерството за образование и наука информира дека до основните и средните училишта во земјата, универзитетите, јавните научни установи и другите образовни институции, доставени се детални насоки за постапување со цел заштита на учениците, студентите и вработените од евентуално заболување и понатамошно пренесување на овој вирус.

Имено, покрај организирањето на едукативни предавања поврзани со начините за превенција од корона вирусот, насоките за постапување наложуваат образовните установи да ги одложат планираните патувања и екскурзии на ученици, студенти и вработени во Република Италија.

Во меѓувреме, потребно е менаџментите на училиштата, универзитетите, јавните научни установи и сите други образовни институции да ја подигнат хигиената на највисоко ниво во сите простории каде има честа фреквенција на луѓе.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.