Учебната година од септември ќе почне со физичко присуство во основните и средните училишта, а наставата ќе се одвива под здравствени протоколи, одлучи денеска Владата по мислење дадено од Главниот координативен кризен штаб.

Од ресорното министерство потсетуваат дека министерката за образованиe и наука Мила Царовска изјави дека во најдобар интерес на учениците е наставата да започне со физичко присуство во училниците и училишните клупи за што се обезбедени сите потребни услови, а вакцинирани се над 62 отсто од вработените во училиштата.

Мора да знаеме дека настава со физичко присуство ќе се спроведува до моментот додека ни дозволува Комисијата за заразни болести. МОН уште од јули е подготвено со три сценарија како сериозен систем за одвивање на наставата во услови на пандемија. Доколку се влоши состојбата, или влеземе во поголем ризик од овој во којшто сме денеска секако би биле подготвени за да го менуваме сценариото коешто ќе ни биде посочено како посоодветно. Мислам дека сега е значајно сите заеднички да ги почитуваме протоколите, да имаме што поголема вакцинација затоа што нема подобро образование од она со физичко присуство, изјави Царовска.

Минатата година, како што нагласи, покажавме дека можеме да имаме успешна онлајн учебна година, но сепак сите искуства во светот и во нашата држава покажуваат дека и менталното здравје и социјализацијата се дел од учењето и токму затоа училиштата треба да спроведуваат настава, по протоколи.

Секако има исклучоци за оние деца кои се со хронични болести, или имаат во семејствата некој којшто е со одредена хронична болест ќе може да добијат одредено ослободување и да може да следат настава. И за децата коишто ќе одат во изолација исто така ќе им биде овозможено да следат онлајн настава, рече Царовска.

Искуството од минатата година, кога настава со физичко присуство следеа учениците од прво до трето одделение покажа дека училиштата не се жаришта и трансмитери на вирусот, што укажуваше на доследно почитување на мерките за заштита и протоколите. МОН очекува и годинава да се почитуваат протоколите од страна на учениците, наставниците и родителите со што ќе се обезбеди квалитетна настава со физичко присуство, но и заштита на јавното здравје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.