Концептот за настава во основите училишта што го предлага Министерството за образвоание и наука функционира како наставниот план на ИБ програмата, но кај нас нема да се воведува оваа програма во едно или во неколку училишта. Кај нас ќе се воведе системско решение кое ќе ги опфати сите училишта, велат од МОН за „Република“.

Концептот е признат и докажан како успешен во многу земји во Европа, Америка, Австралија. На овој начин функционира наставниот план на ИБ програмата. Кај нас, нема да се воведува ИБ програма во едно или неколку училишта. Кај нас ќе се воведе системско решение кое ќе ги опфати сите училишта, во кои нема да има ниту едно отпуштање од работа поради било каква причина поврзана со измените предвидени во новата концепција за основно образование. Сите наставници и стручни соработници се потребни и апсолутно нема да има намалување на бројот на работни места. Напротив, на вработените во училиштата ќе им биде обезбедена дополнителна поддршка во процесот на прилагодување кон новиот пристап кој треба да го имаат кон учениците, а ќе им се овозможи и кареиерен и професионален развој, како најважен мотив за заложба во работата, велат од МОН.

Меѓународната, ИБ програма се спроведува само во едно основно училиште во Македонија, „Браќа Миладиновци“ во скопската општина Аеродорм. Концептот на учење што го предлага МОН е многу сличен на оној на ИБ програмата. Од јуни 2017 година „Браќа Миладиновци“ е акредитирано за ИБ програмата за одделенска настава. Постојат три генерални меѓународни програми и тоа: програма за одделенска настава наменета за ученици од 5 до 11 години, за предметна настава наменета за ученици од 11 до 16 години, диплома програма – наменета за ученици од 16 до 19 години. Преку овие програми училиштата нудат можност на континуирано искуство за меѓународно образование од раното детство до матурирањето.

ПОН е трансдисциплинарна програма за меѓународно образование, дизајнирана да го поттикне целокупниот развој на еден ученик, заснован на пристапот како истражувач во наставата и учењето во школото, но и во надворешниот свет. Децата треба сами да ги пронајдат одговорите на своите прашања.

Новата концепција за основно образование е најавувана неколку месеци наназад и истата се изработува преку еден максимално транспарентен процес, со бројни засегнати страни – ученици, наставници, граѓански здруженија, домашни и странски партнерски организации. Секако дека ќе биде слушнато мислењето на пошироката јавност.

Концепцијата треба да направи трансформација на училиштата, да создаде училиште што ќе ги учи младите да учат, ќе овозможи замена на стариот пристап на фактографско учење и ќе ги поттикне младите да размислуваат критички, да решаваат проблеми со носење на одлуки врз база на анализи и факти, велат од МОН.

Од МОН додаваат дека концепцијата ќе значи нов образовен модел преку кој секое дете ќе го достигне својот полн потенцијал. Во тој образовен модел нема да има кратење на научни дисциплини.

Напротив, сите предмети кои постоеја досега и натаму ќе се изучуваат, со тоа што идејата е дел од научните дисциплини да се интегрираат и поврзат едни со други. Новото основно образование на ученикот ќе му даде целосна слика за одреден настан или тема, што се постигнува со интердисциплинарен и интегриран пристап, односно поврзување на информациите од повеќе предмети. Ваквиот пристап им овозможува на учениците полесно да ги поврзат наставните содржини со реалноста и да ја согледаат смислата на она што го учат, велат од МОН.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.