Министерството за образование и наука објави јавен повик за избор на идејно решение за лого, насловна фотографија и официјален назив на Националната платформа за учење на далечина. Мотото на повикот е „Од учениците, за учениците“, и е отворен за учениците од сите основни и средни училишта во Република Македонија. Тие можат да учествуваат индивидуално или во групи до четворица ученици, со поднесување на едно или најмногу три идејни решенија.

Со овој повик Министерството за образование и наука се обраќа до учениците, кои ќе бидат најголеми корисници на Единствена национална платформа за учење на далечина, којашто е предвидена со Планот за започнување на учебната 2020/2021 година. Преку Платформата ќе се реализира учењето на далечина, и ќе се овозможи разработка и совладување на материјата предвидена во наставните програми за сите одделенија во основното и средното образование, преку одржување двонасочна комуникација на едноставен и прифатлив начин за сите, се вели во соопштението.

Национална платформа за учење на далечина е чекор напред во дигитализацијата на националниот образовен систем во Република Македонија. Определен како висок приоритет во програмата за работа на Владата, Министерството за образование и наука го интензивираше процесот на дигитализација во изминатите неколку месеци поради потребата од интервентно делување и вложување дополнителни напори за организирање на непречена формална едукација на учениците во вонредни околности и нетипични услови кои ги наложи појавата на пандемијата со ковид 19.

Идејните решенија се доставуваат на електронската адреса [email protected], најдоцна до 22 септември 2020 година (до 16:00 часот).

Најдобрите 5 решенија ќе бидат поставени на официјалната страница на Националната платформа за учење на далечина, на јавно гласање на учениците. Решението со најголем број освоени гласови од учениците, ќе биде избрано за официјално, додека за авторот/авторите ќе следува пригодна награда обезбедена од МОН и УНИЦЕФ.

Секоја идеја вреди! Силно веруваме во креативниот потенцијал на младите во Република  Македонија и во нивната желба и подготвеност, заедно со институциите на системот да учествуваат во креирањето на тоа што е наменето за нив. Сигурни сме дека изразениот натпреварувачки дух и овој пат ќе ја поттикне иновативноста и учениците ќе помогнат во избор на најдоброто идејно решение за лого и назив на единствената Национална платформа за далечинско учење, додаваат од МОН.

Повеќе информации за јавниот повик може да се најдат на веб-страницата на Министерството за образование и наука, на следните линкови http://mon.gov.mk/content/?id=3336

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.