Министерството за образование и наука информира дека согласно новиот начин и динамика на редовна месечна исплата на средствата за ученички и студентски стипендии воспоставен на почетокот на тековната календарска година, денеска се исплатени средствата за месец април на сите корисници на стипендија.

Исплатен е износ од околу 32 милиони денари на вкупно 9.047 корисници на сите видови стипендии за ученици од средните училишта, студенти запишани на додипломски студии на високообразовните установи во Македонија, како и студенти запишани на некои од најдобрите светски универзитети согласно Шангајската ранг листа, соопштува Министерството.

Министерството за образование и наука посочи дека воспоставената динамика на редовна месечна исплата на стипендии ќе продолжи да се реализира и понатаму, бидејќи е од голема важност за оние кои ги исполнуваат условите и го оствариле правото на стипендија. Велат дека се работи за средства кои се поддршка и унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард, при што им помагаат на младите во процесот на образование и мотивација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.