Сите ученици и студенти кои се нови добитници на стипендија, односно ова право го имаат остварено на конкурсите за доделување стипендии за учебната/академската 2021-2022 година, ќе може и утре (сабота, 27 ноември 2021), од 9 до 16 часот, да ги доставуваат потребните документи во писарницата на Министерството за образование и наука.

Согласно наведените информации при објавата на резултатите од конкурсите, сите апликанти чии пријави се прифатени и се наоѓаат на листите со добитници на стипендија, имаат обврска од веб-страницата на МОН да го симнат соодветниот договор, да го пополнат во три примероци и заедно со копија од лична трансакциска сметка да го достават до министерството, соопшти МОН.

Министерството на својата веб-страница претходно ги објави резултатите од конкурсите за ученичките и за студентските стипендии, каде што се наведени и информации и инструкции за добитниците во врска со поднесувањето на договорите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.