• Се прекршува изборниот процес. Изборни регуларности се регистрирани во населбата Ајдучка Чешма во Куманово. Во простории за гласање кои се наоѓаат спроти штабот на една владејачка партија, се отвора избирачкиот материјал иако според Изборниот законит, тоа треба да се случи утре наутро.
  • На социјалните мрежи е објавено видео на кое се гледа дека се прекршува изборниот молк така што штабот на кандидат предложен од политичка партија, кој се наоѓа на улица „Македонија“ во центарот на Скопје, е отворен и денеска. Со тоа е прекршен и Изборниот законик. На видеото се гледа како влегуваат и излегуваат луѓе од штабот, актуелни градоначалници и кандидати, претседатели на совет.
  • Во селото Лескоец, охридско, се извршуваат градежни работи и се асфалтираат улици.
  • Група повозрасни граѓани со пиво, кока-кола зеро и ракиичка го одржуваат отворен штабот во Велес на политичка партија која учествува на локалните избори.
  • Масовен обид за поткуп се случува денеска во Прилеп. Како што откриваат жители од неколку населби во градот, една од партиите која учествува на изборите во текот на целиот ден, па и вечерва посетуваат домови на фамилии на социјално загрозени за во пријателски разговор ги прашаат какви проблеми имаат. Дел од нив отриваат дека им е нудена социјална помош па дури и вработување на еден член од семејсвото. Се нуделе пари, помош во прехрамбени производи, па дури и поништување на долговите кои ги имаат за вода и струја.
  • Кандидат за градоначалник во Прилеп вечерва, за време на изборен молк, држел партиски состанок.
  • Во Велес се забележани нелегални активности како поткуп, а забележан е лично и висок функционер од власта.
  • Прекршување на изборниот молк и предизборен поткуп е забележан и во Делчево, каде поткуп дава лично кандидат за градоначалник на една од владеачките партии. Тој е забележан буквално со парите во раце.

Ова се само дел од вестите денеска. Беа забележани низа прекршувања на изборниот законик кој предвидува изборен молк кој започна синоќа. Но тоа се чини не важеше за сите.

Изборниот молк стапува на сила ден пред гласање (сабота), односно на полноќ меѓу петок и сабота, кога завршува изборната кампања. Молкот трае до 19 часот, на денот кога се гласа (недела). Тоа подразбира дека ширење на пропаганда, партиско агитирање, поткуп на гласачи, водење кампања и други прекршувања на Изборниот законик се строго забранети. Но тоа не беше забрането вечерва за поединци.

МВР денеска молчи. Тие денеска се во подрум. Медиумите регистрираат, а поради изборниот молк целиот материјал не може да биде објавен. По завршување на молкот, утре, во 19 часот, целиот аудио, видео и фото материјал ќе биде објавен.

Изборите се мониторирани од 1.045 акредитирани набљудувачи и преведувачи, од кои 714 се домашни, а другите странски набљудувачи. Дали тие денеска забележаа прекршувања? Ќе видиме ли реални извештаи и санкции за овој ден во кој молкот беше мисловна именка?!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.