Работата на Заедничката Комисија за историски и образовни прашања, преставува важен елемент за исполнување на Договорот за пријателство од 2017 година. По последните јавни настапи на претставниците на Заедничката Комисија за историски и образовни прашања, сакаме да потенцираме дека работата на Комисијата претставува нераздвоен дел од имплементацијата на Договорот за пријателство од 2017 година, соопшти вечерва Министерството за надворешни работи.

Соодветно на најновата иницијатива на двете држави, потврдена во рамки на заедничката седница на двете Влади, за проширување и продлабочување на меѓусебната соработка во сите области, се додава во соопштението од МНР, ја поздравуваме одлуката на двата копретседатели на Комисијата за интензивирање на динамиката на работата на Комисијата, со цел надминување на разликите за најчувствителните прашања.

Ја разбираме потребата на членовите на Комисијата, особено на нивните копретседатели, јавно да ги изложуваат нивните погледи и ставови, но истите притоа не треба да се толкуваат како државни позиции, ниту, пак, како дел од политичките ставови на двете Влади. Оттука двете Влади уште еднаш ги повикуваат сите фактори, вклучувајќи ги тука и членовите на Комисијата за историски прашања, за одржување на веќе договорената динамика на активности, која соодветствува со новиот интензитет на засилена комуникација меѓу двете држави, со цел да се искористи новиот моментум за соодветно надминување на разликите меѓу двете земји и откочување на процесот на европски интеграции, стои во соопштението од МНР на Македонија.

Директорот на прес-центарот на бугарското Министерство за надворешни работи Митко Димитров денеска на посебен брифинг по повод неодамнешните јавни изјави на копретседателот на Заедничката комисија за историски и образовни прашања од страна на  Македонија, истакна дека нејзината активност е суштински елемент на имплементацијата на Договорот од 2017 година и има за цел да ги надмине стереотипите од минатото.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Димитров, како независни научници и експерти, членовите на Комисијата имаат право да ги кажат своите ставови, но тоа не ги обврзува владите на двете земји да носат одредени одлуки. Личното мислење на членовите на комисијата не соодветствува со ставот на двете земји, додаде портпаролот на бугарското МНР.

-Ја поддржуваме подготвеноста на двете страни за интензивирање на контактите на Комисијата. Ги повикуваме членовите на Комисијата да работат плодно. Министрите за надворешни работи како политичари изразуваат подготвеност јавно да ги поддржат напорите на Комисијата, вклучително и со заедничко одбележување значајни личности и настани од двете земји, додаде Димитров.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.