Република Македонија како и досега, ќе продолжи со засилена комуникација и консултација на политичко ниво со Република Бугарија и со сите релевантни чинители во ЕУ контекст, при што клучната порака ќе биде дека беше започнат исклучително важен и сложен процес на дијалог кој претполага зближување и градење пријателство, низ заемно почитување, како две соседни европски држави. Во оваа смисла, почитувањето на идентитетот и достоинството, европските интеграции и добрососедските односи се целосно комплементарни и заемни интереси, реагираат од Министерството за надворешни работи.

Европските интеграции на целиот регион, претставуваат интерес на двете земји и тоа било постојано потенцирано од страна на официјалните претставниците на двете земји. Република Бугарија и досега ги подржувала европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија и очекуваме оваа поддршка да продолжи и во иднина, стои во соопштението од МНР. 

За сите евентуални разлики по одредени прашања, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е токму рамката за решавање на долготрајните билатерални разлики во толкувањето на историски прашања кои ги оптоваруваат односите помеѓу Македонија и Бугарија децении наназад. На неговата имплементација, која е двострана обврска за двете држави, остануваме и натаму целосно посветени во добра волја.

Реакцијата на МНР следува по изјавата на вицепремиерот Красимир Каракачанов кој уште еднаш јасно и нeдвосмислено ја потврди позицијата на Бугарија во однос на Македонија и македонското прашање во пресрет на отварањето на преговорите за влез на земјата во Европската Унија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.