Нема загинати патници во автобусот кој утрово се преврте кај Прокупље, Србија, информираат од Министерството за надворешни работи (МНР).

Од таму велат дека 26 лица се повредени и веднаш се пренесени в болница. Сите се контактабилни, но во моментов се вршат дополнителни испитувања за да се утврди дали имаат внатрешни повреди.

Информираме дека утринава се случи сообраќајна несреќа на патот Блаце – Белољин во Република Србија, во која автобус со македонски регистарски таблички се превртел носејќи патници на еднодневна екскурзија на Копаоник. Во несреќата се повредени 26 лица, од кои 18 се згрижени во болницата во Блаце, додека 8 се згрижени во болницата во Прокупље. Според првични информации од лекарите, згрижените се надвор од животна опасност, додека едно лице во Прокупље е потешко повредено. Засега се сите контактибилни, но за секој случај во болницата во Прокупље се врши и компјутерска томографија за да се утврди прецизно состојбата на повредените. Според неофицијална информација од Болницата во Блаце, Србија, патниците биле претежно од Радовиш. Амбасадата на Република Македонија во Белград е во постојана комуникација со надлежните органи. Од страна на МВР на Србија-Полиција Блаце сме информирани дека сѐ уште се врши увид на местото на несреќата и засега не можат да дадат подетални информации. На терен е и надлежен јавен обвинител – тврдат од МНР.

Во автобусот биле жени од Радовиш кои оделе на екскурзија на Копаоник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.