Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, Повелбата на ООН, принципите и заложбите на ОБСЕ за заштита на европската безбедносна архитектура и глобалната стабилност, се наведува во заедничкото соопштение на МНР и Министерството за одбрана како реакција на изјавата на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.

Cеверна Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независнот на Украина, а пред се во поддршка на мирот, човековите права и меѓународниот поредок заснован на правила. Имено, досега, Владата на Република Cеверна Македонија донесе неколку Одлуки за воено – техничка помош со кои и помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција, се посочува во соопштението.

Како членка на најмоќниот воено – политички сојуз – НАТО Алијансата, се додава, Македонија одлучно стои зад позицијата и решителноста на Алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји – членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, денеска изјави дека Москва смета дека е голема грешка одлуката на властите на Македонија да ѝ донираат на Украина тенкови Т-72. Според неа, иако станува збор за застарена опрема, со донацијата се дава поддршка за „продолжување на криминалните активностите на режимот во Киев“.

И покрај тоа што, според северномакедонските власти, тоа е „безопасна“ донација на застарена опрема, останува фактот дека лојалното кон НАТО Скопје е вклучено во испораката на оружје а Украина, со што придонесува за продолжување на криминална активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас. Луѓето кои исповедаат демократија, слобода и човекови права треба да го знаат тоа. Сето ова води кон дополнително влошување на ситуацијата. Сметаме дека ова е голема грешка на раководството на Македонија, вели Захарова во изјавата објавена на веб страницата на МНР на Русија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.