Апелацискиот суд Скопје во решението за пуштање во домашен притвор на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева како причина за својата одлука наведува дека обвинетата во „Рекет“ е жена и самохрана мајка, со редовна медицинска терапија, невработена и без имот.

Апелациониот суд Скопје ги ценеше наводите истакнати во жалбите на обвинетата изјавени лично и преку нејзиниот бранител, со укажување дека неосновано спрема истата е определена најстрога предвидена мерка за обезбедување на нејзино присуство во текот на постапката. Односно околностите дека обвинетата е жена и самохрана мајка, сама се грижи за своите деца, нејзината здравствена состојба е многу влошена и потребни и се подобри услови заради зачувување на нејзиното здравје да прима редовна медицинска терапија и да има хигиена во домашни услови, а по потреба да посетува и специјалист, укажуваат дека се исполнети условите за замена на мерката притвор со куќен притвор и за истите советот на овој суд оцени дека се основани и во конкретниот случај исполнети се законските услови за укинување на притворот и определување куќен притвор и мерки на претпазливост спрема обвинетата, вели Апелацискиот суд.

Кривичниот совет на првостепениот суд утврдил дека во конкретниот случај постои основано сомневање за бегство, доколку обвинетата биде пуштена да се брани од слобода.

Може да се даде во бегство, да се сокрие или на друг начин да биде недостапна на органите на прогонот заради одбегнување на евентуална кривична одговорност, ако се има во предвид видот, карактерот и природата на кривичното дело, степенот на кривична одговорност, видот и висината на запретената казна за ваков вид на кривично дело за кое се терети обвинетата, како и соочувањето со можноста за изрекување на ефективна казна затвор, а во таа насока, на опасност од бегство укажувале и материјалните прилики на обвинетата која не поседува недвижен имот на свое име и што истата по разрешување од функцијата Јавен обвинител е невработена, пишува во образложението од Апелацискиот суд.

Судскиот совет кој ја донел одлуката е составен од Јани Нича, претседател на советот, Сафет Кадрии и Зоран Димитриевски, членови на советот, со судски советник-записничар Павлина Црвенковска.

На Јанева во куќен притвор судот и забранува комуникација со лица опфатени во кривичното дело, а и се забранува и употреба на телефони и останати средства за комуникација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.