По заладените односите меѓу Скопје и Софија по инцидентот во Охрид, изјавите на европратеникот Ангел Џамбаски и повлекувањето на бугарскиот амбасадор од земјава, од ЕУ апел да се смират тензиите и двете влади да продолжат да комуницираат со „ладна глава“ и со спроведувањето на Договорот за добрососедство.

Извори од ЕУ посочуваат дека и покрај загрижувачките изјави од некои поединци, кои ги поткопуваат добрите односи меѓу двете земји и постигнатите добри резултати во однос на трговска размена, во интерес на Бугарија и Македонија е одржување на добрососедските односи и она што е важно, намалување на тензиите, а двете влади да продолжат да разговараат, бидејќи Брисел не сака да увезува спорови.

Според ЕУ, добрососедските односи се клучен дел од пристапните процеси и во тој контекст се очекува спроведување на билатералните договори, како Преспанскиот и на Договорот за добросоедство со Бугарија, во добра волја и од сите страни.

Во однос на изјавите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски со кои изразуваше територијалните претензии кон земјава, вчера реагираше и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој ги осуди ваквите ставови и ги оцени како неприфатливи. Гир потсети дека и Европскиот парламент и бугарското МНР се оградија од овие изјави и подвлече дека таквите тврдења не ја претставуваат и не можат да ја претставуваат ЕУ.

За завчерашните забелешки на Џамбаски упатени кон претседателот Стево Пендаровски, кои може да се протолкуваат како закана, амбасадорот Гир истакна дека тоа апсолутно не претставува ставот на ЕУ.

– Тоа не ги одразува вредностите на кои е основана ЕУ. Неприфатливо е јавна личност да дава вакви забелешки за кого било, а камоли за демократски избран шеф на држава на суверена земја, се вели во пишаната изјава од евроамбасадорот Гир.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.