Министерот за надворешни работи Никола Димитров изнесе цела низа невистини кои не доликуваат на еден министер на сериозна држава, реагира министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, откако тој ја прозва за таблата со Република Македонија пред која таа држеше прес во Министерството.

Мизрахи порача дека наместо да се занимава со заштита на државните и на националните интереси, министерот за надворешни работи во заминување со изнесување невистини јавно кодоши друг министер во истата Влада за покривање на сопствените пропусти, практика којашто е непозната во ниту една демократска држава.

Во насока на вистинско информирање на јавноста, но и запознавање на јавноста за злоупотребите со користењето на алатките за лажни вести на Димитров, ја информирам јавноста дека во Министерството за труд и социјална политика има ЕДНА ЕДИНСТВЕНА табла со името на Министерството и таа воопшто не е променета со моето доаѓање. Во прилог ги доставувам и фотографиите од средбите и настапите на претходната министерка, сега актуелен вицепремиер за економски прашања Мила Царовска, која и во текот на 2019 година настапува пред табла на која и јас, Рашела Мизрахи, како техничка министерка во истото министерство продолжувам со активностите, рече министерката преку „Фејсбук“.

Тоа што Царовска и нејзиниот тим, веројатно под притисок, последните неколку настапи пред официјалната табла поставувале некаков бел банер, додава Мизрахи, тоа не значи дека во министерството има две табли, особено не „стара“ и „нова“ табла.

Оттука, му посакувам на Никола Димитров, наместо за мојата работа во МТСП, за промена повеќе време да поминува на заштита на националните и државните интереси, што му е и основна работа како министер за надворешни работи.

 

Прилог: фотографии од известувања на министерството пред таблата во февруари и во март 2019 година, како и обидот со бел банер таа да се сокрие. Медиумите секако имаат поголема архива од настапите на Мила Царовска, напиша Мизрахи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.