Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, на денешните пратенички прашања во Собранието, истакна дека по милиони пати повторени изјави од страна на премиерот Зоран Заев дека Преспанскиот договор ни го гарантирал членството во ЕУ, датум нема, а преговори за идентитските прашања се во тек, па побара да се прочита јавно Предлогот за кој се разговарало во Софија на сметка на националните интереси, како и тоа дека Заев кој продолжува со лаги ниту е добар политичар, ниту е добар човек.

-Г-дине Заев јас искрено не очекував денес ниту да ве видам во Собранието. Освен можеби во архивата каде што би ја поднеле својата оставка. Вие пред цела Македонија и сите нејзини граѓани изјавувавте во милион наврати: Преспанскиот договор ни гарантира членство во ЕУ! Референдум под наслов „За Европска Македонија“ и цела кампања базирана на истото. По Преспанскиот договор во повеќе наврати и од тука, од домот на граѓаните, од Собранието, тврдевте дека после решавањето на спорот со Грција, цитирам: Немаме ниту едно отворено прашање со соседите и преговорите за ЕУ само што не започнале. Ама рековте, порековте па отпосле почна пандорината кутија која вие ја отворивте со друг сосед, Бугарија, за што ви беше кажано и повторувано и повторувано милион пати. И не послушавте се додека не ја заглавивте нашата европска иднина целосно – критикуваше пратеничката Мизрахи.

Таа рече дека Заев продолжил со разговори за она за кое ниту еден народ не ни дискутира, идентитет и јазик, а кажувањата дека тоа се лаги, конструкции и манипулации, веќе цела македонска јавност знае дека тоа е целата вистина.

И не кажувајте повторно дека тоа се лаги, конструкции и манипулации на ВМРО, веќе цела македонска јавност знае дека тоа е целата вистина, вели таа.

Мизрахи критикуваше дека по 30 години независност поради Заев и политиките на власта, граѓаните треба да шепотат во сопствената земја дека се Македонци.

-Ја искрвавевте и земјава и луѓево во компромиси за датуми во стилот на “не оваа среда ама наредниот петок” и еве сте денес тука, во законодавниот дом и јас немам зборови и не знам зашто сте вие тука? Лоша била ЕУ. Па каде не носевте преку крвави компромиси цели 4 години? Во лошата ЕУ? Да ве потсетам дека не донесовте во агонија на државно обезличување со тоа ветување. Престанете да го навредувате и народот. Престанете да ја навредувате Македонија – вели Мизрахи.

Таа критикуваше дека на Заев се некој друг му е крив, до завчера тоа било ВМРО, а од вчера ВМРО и ЕУ, па државата ја претворил во северна творевина, и го навредил и понижил народот за денес да шири ЕУ-скептицизам.

Мизрахи го праша Зоран Заев зошто не се започнати преговорите со Европската унија, како и побара од него пред очите на македонската јавност да го прочита Предлогот со кој преговарал во Софија.

-Барам од вас овде во Собранието, пред очите на целата македонска јавност, да го прочитате, ама да го прочитате, а не парафразирате во светкав говор како што знаете, предлогот со кој отидовте да преговарате минатата недела во Софија. Барем еднаш обидете се да одговорите со вистината, со лаги не сте ни добар политичар, ниту пак добар човек – критикуваше пратеничката Мизрахи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.