Навистина сме уморни од претседател што едно зборува, друго прави во јавност. Уморни сме од претседател што наместо да го слуша народот ја слуша партијата, од претседател што дава изјава, па потоа се предомислува. Нас не ни треба претседател што повеќе се занимава со озборување, отколку со вистинска работа – истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешната панел дискусија на тема „Претседател кој се грижи за одбраната и стратешките интереси на државата“ на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател на Република Македонија на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој вели дека овој народ има многу поминато, има направено многу отстапки, многу многу повеќе од другите народи во Европа за таа Европа.

Променивме многу работи болни за нас во минатото, неколку пати го менувавме Уставот, ни ги променија и банкнотите дури, националното знаме, името, и сето тоа беше со цел да влеземе и се интегрираме во НАТО Алијансата и ЕУ. Па морам да бидам искрен и отворен како и секогаш, очигледно ЕУ има за нас многу нови задачи кои немаат никаква врска со критериумите од Копенхаген за влез на нови земји членки, кои што задачи ги немаше ниту еден народ кој што пристапуваше кон таа иста ЕУ. Затоа нас ни треба претседател што ќе биде разумот за решавање на овие прашања, но во исто време ќе биде браникот на националните интереси. Ќе го брани достоинството на македонските граѓани, ќе се бори за нашите македонски интереси. Претседателка што ќе се бори за нашиот влез во Европската Унија, но притоа ќе ги брани нашите интереси како граѓани, ќе го брани македонскиот идентитет, специфичност и постоењето на македонскиот народ како една целина – додава Мицкоски зборувајќи за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Македонија, професорката Гордана Силјановска Давкова.

Вели потребен е претседател со интегритет и силна волја да остави позитивен белег во историјата на оваа земја. Да не биде безгласна буква, или да не биде гласен во изјавите, а тивок кога треба да се потпише некој закон под маса. Нас не ни треба претседател што ќе се слика, туку ни треба претседател што ќе работи.

А јас и мојот тим знаеме дека немаме ниту грам отстапки пред нашиот народ, кој не сака повеќе да слуша АМА видете на почеток сме, АМА видете не очекувавме ваква ситуација, АМА видете ни треба време. Нема место за изговори, има простор само за работа, бидејќи имаме само една шанса да си ја вратиме Македонија. Имаме само една шанса изборот да ни биде Македонија. Многу шанси изгубивме досега, да не оставаме времето да ги згази и нашите последни надежи.

Овој народ, оваа Македонија има сила да биде држава каква што сите заслужуваме.

Овој народ и оваа Македонија чека на вашиот избор на 24 април најпрво, па на 8 мај.

Затоа што Македонија е нашиот дом!

Затоа што Македонија е нашата татковина!

Затоа што Македонија заслужува најдобро!

Да имаме држава со систем што функционира!

Да ја направиме горда.

Професорке имаме незавршена работа

Одиме на убедлива победа. Победа за Македонија.

Да ја кренеме Македонија на нозе. Се работи за нашата заедничка иднина. Народот мора да знае дека од нас зависи. Македонија која е твоја. Наша. Заедничка. Одиме на триумф за секој еден човек. Главите горе, доаѓа обнова на надеж, на заедничка среќа. На реформи, на големи одлуки. На луѓе со интегритет. Одиме на голема историска победа- рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.