Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески на крајот од собраниската седница за избор на нова Влада им реплицираше на пратениците од опозицијата кои го оспоруваат легитимитетот на идната Влада на Димитар Ковачевски со зборовите дека факт е оти легитимитетот произлезе од парламентарни, а не од локални избори и дека и пратениците го имаат својот легитимитет со мандат од четири години.

Во обраќањето пред пратениците рече дека во изминативе два дена се изнаслушал политички фолклор од опозицијата.

-Ниту во минатото очекував, ниту денес дека целосно или делумно ќе се согласиме. Може да имаме различни мислења но во одредени прашања се претера со политички фолклор. Политички фолклор е професорке (ѝ се обраќа на Гордана Силјановска Давкова) кога се оценува легитимитетот на Ковачевски оти не излегол на избори. Тоа го нема никаде во светот. Од таква „голема“ логика, можам да кажам дека вашето барање за брзи избори е неспособноста на вашите градоначалници да испорачаат резултати како градоначалничката на Скопје која освен што и паднала паричката за Бадник никакви резултати не видовме. По таа логика ако победиле грдаоначалниците зошто вие седите во пратенички клупи, тие нека гласаат и нека носат закони – рече Митрески.

Тој додаде дека факт е според Уставот и законите дека на локални избори се избираат градоначалници, а на парламентарни избори пратеници.

Избрани сме за пратеници и имаме легитимитет. Имаме ново мнозинство и тоа вечерва ќе изгласа нова влада. Граѓаните јасно кажуваат дека мора подобро и дека мора поефикасно да се испорачуваат резулати, особено во ек на корона кризата, на енергетската криза – рече Митрески.

Тој нагласи дека новата Влада ќе треба да ја решава енергетската криза која е резултат на глобална криза.

Митрески изрази очекување дека во вака тешки моменти еден од првите потези на новата Влада ќе биде покачување на пензиите. Нагласи дека пензионерите се длабоко вградени во развојот на државата и дека заслужуваат достоинствен живот и подобар стандард.

Исто така, нагласи дека напорите треба да продолжат и во насока на ново зголемување на минималната плата. Ја повика Владата да разговара со синдикатите, но и со стопанските комори и бизнис заедниците за раст на минималната плата.

„Постојано се зголемува просечната плата, очекувам до крајот на овој мандат на Владата таа да се зголеми на барем 34 илјади денари“, рече Митрески.

Во делот на корупцијата и криминалот тој очекува уште поголем, како што рече, ангажман, а нагласи дека треба да се спречи и приватниот бизнис на административците, затоа што, како што нагласи, платени се да работат за граѓаните, а не да работат со помал ангажман.

На крајот од дискусијата, координаторот на СДСМ нагласи дека нема да се случи Владата да преговара со Бугарија за македонскиот идентитет и јазик.

„Наша стратегиска определба е ЕУ, на крајот ќе победат граѓаните на двете земји“, рече Јован Митрески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.