Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и министер за внатрешни работи, Митко Чавков откако ноќта ја поминал во штипската модуларна болница, попладнево е веќе спроведен во приватна болница во Скопје.

Директорот на Затвор-Штип, Мики Тодоров за МИА потврдува дека вчера откако му се влошила здравствена состојба на Чавков и имал ниска сатурација при прегледот од затворскиот лекар, веднаш е хоспитализиран во модуларната болница, каде што добил и постојана кислородна поддршка. На барање на семејството и по препорака на штипските инфектолози Чавков е спроведен до приватната болница на болнички третман.

Деновиве во штипскиот Затвор кластерот се зголеми со уште двајца новозаразени осуденици, со што бројката се искачи на седум. Меѓу позитивните на коронавирусот се и поранешниот началник на специјалните полициски сили, Митко Пешов и Никола Митревски-Кољо, кој беше осомничен како еден од главните организатори на насилствата во Собранието на 27 април.

Според затворскиот лекар, здравствената состојба на останатите осуденици е добра и се изолирани во три посебни простории.

Инаку, 13 осуденици поради контакт со заразените се во изолација, засега немаат пројавено симптоми на коронавирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.