Основата на која се темелат меѓучовечките односи се чесноста, довербата, искреноста и вистинитоста. Лажењето пак, ги уништува односите што ги воспоставуваме со другите, бидејќи ја изневерува довербата што сме ја добиле. Но ваквата дефинициска поделба на вистината и лагата им е важна само на првата категорија, на оние кои ги почитуваат темелите на меѓучовечките односи. На овие вториве, кои се продаваат како први, лагата им е втемелена во курикулум витае, коментира на својата Фејсбук страница Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Неговиот претходник или (ако веќе пишувам за срамот од лагата, морам да бидам брутално искрена) неговиот тутор, додека правеше реформи во образованието, велеше: “Што ни фали нас што имавме по три часа, еве Премиер станав”. И во право е за едно, стана премиер, ама на прашањето што ни фали…многу му фали. Е сега, од денешна перспектива учеников желен да биде подобар од учителот, користејќи атлетска дисциплина трискок прави пресврт и го презентира сосема спротивното. Дека образованието, особено она образование стекнато надвор од границите на Македонија, на престижни универзитети, е вредно за восхит и за кревање на надежите кај луѓето дека сепак се зависни од умот и знаењето, кое пак е поткрепено со диплома. И ако фактите не го говореа спротивното, односно ако вистината не ја победеше лагата, ова можеби ќе беше добар старт. Титула доктор на економски науки, низа менаџерски позиции, вонреден професор звучи далеку подобро од овие три-четири часа на претходников, но во тоа каде и како се стекнати, но уште поважно на кој начин се извршувани позицииве лежи вистината. Односно, без вистината, наследникот е само форма без суштина.

А суштината е во тоа што од премногу лага не можете да добиете вистина, никогаш. Иако, не е секогаш лесно да се утврди што е лага, а што е вистина. Но, исклучително лесно е да откриете кога тоа доаѓа од еден ист извор кој е синоним за опасни и отровни лаги кои немаат граници.

Профилот на еден измамник е очигледен, нечесен. Во тоа досие е кажано она што не се мисли, изразени се чувства што некој ги нема се со цел да се создадат залудни илузии, да се понудат лажни впечатоци, да се биде неверен кон себе и кон другите. Кога се плашат од последиците од искреноста единствената опција им е да измамат и вешто ја употребат уметноста на лагата која вели “што поголема тоа подобра”. Од социјалдемократскиот начин на владеење лагите станаа дел од ДНК на македонското општество, иако често сега ги нарекуваат со навидум подостоинствена терминологија на маркетинг, рекламирање или пропаганда.Се прашувам дали со лагите кои влегуваат во историјата, вистината станува политички луксуз?!, пишува Митева во својата објава.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.