Експериментите во образованието продолжуваат. Додека се уште имаме ученици кои немаат услови да ја следат онлајн наставата и се насочени кон скратена наставна програма на националните телевизиски канали, сведочиме нови таканаречени реформи за воведување дигитални учебници кои иницираат дополнителна дискриминација помеѓу најмладите. Мила Царовска или како што ја нарекуваат граѓаните „министерот надлежен за укинување“ мудро се повлекува од јавни расправи, но сепак е упорна во своите намери за укинување на учебниците во основното образование. Без слух за проблемите го игнорира мнозинството. Своите интереси се обидува да ги пласира како неопходна реформа во образовниот процес и покрај бројните реакции на јавноста, изјави на денешната прес конференција, Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа вели дека скандалозното повлекување на Законот од собраниска процедура со цел истиот да биде донесен со европско знаменце говори за целта овој предлогот на Царовска да биде донесен по секоја цена, а притоа злоупотребувајќи ги процедурите и дебатата во законодавниот дом.

– Скандалите во образованието од нејзиното преземање на функцијата министер никако да запрат. Министерке Царовска оваа Концепција за реформа во основното образование отвора повеќе прашања: дали овој проект за дигитализација на учебници во основното образование би чинел неколку милиони годишно, колкав број на надворешни соработници ќе бидат вклучени, на каков начин ќе се реализира проектот и дали користејќи ја позицијата Министер за образование ги задоволувате само сопствените мотиви, праша Митева.

– Одговорете им на граѓаните како интерактивните содржини и анимациите од дигиталните учебници ќе бидат идентични во печатените учебници? Нашите сограѓани очекуваат образложение како и на кој начин ќе се реализира ова. Не може да излезете со предлог реформа од која зависи иднината на образовниот процес, а вашиот аргумент министерке да биде дека учениците не сакаат да учат и воедно да ги квалификувате како функционално неписмени. Ваша обврска е да ја развиете желбата за настава кај учениците, а не дополнително да им ја намалите. Ваша должност е да присуствувате на организираните тематски состаноци и од истите да произлезе заклучок и напредок согласно барањата на родителите. За крај, ако немате способност нешто да направите, дали може да застанете со уништување на системот на секое поле, додаде портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.