Го поздравувам решението на француското претседателство со ЕУ за договор што ќе го отвори патот за старт на пристапните преговори со Македонија, објави попладнево на Твитер претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Решението се однесува на изразените загрижености. Најблиску сме од кога и да сме биле досега: Сега е време да се каже да, додава Мишел во твитот.

Владата попладнево соопшти дека преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигнал предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови.

Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата, се наведува во соопштението владината Прес-служба.

Претходно на прес-конференција на Самитот на НАТО во Мадрид, и францускиот претседателот Емануел Макрон изјави дека е уверен оти е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија за отворање на првите поглавја од преговорите со Македонија и Албанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.