Корупциските афери, рекетот и тргувањето со правото и правдината се огромна кочница на оваа влада и ќе бидат нотирани како нов предуслов за европската перспектива, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски во интервју за Вечер.мк, кој смета дека шансата да бидеме дел од европското семејство е многу недостижна во септември.

Мисајловски смета дека има само еден начин оваа влада да покаже дека поседува европски вредности, а тоа е колективна оставка.

Но, за елитата на власта е поважно да си ги договараат тендерите меѓу себе, да си имаат свое судство и да ја задолжуваат државата. А, од друга страна да нема капитални проекти, да, имаме економско фијаско, да продолжуваат со непотизмот, до прикриваат афери и скандали, и се разбира поради целата неспособност продолжуваат да ја прогонуваат опозицијата со измислени и фабрикувани предмети. Ова се само дел од негативните последици на оваа влада и затоа е се подалеку шансата да бидеме дел од европското семејство и да добиеме старт на преговорите следниот месец.

Коментирајќи го случајот „Рекет“ и бомбиде објавени од италијанскиот весник „Ла верита“, потпретседателот на опозициската партија вели дека ова е најголем скандал на која било влада до сега во нашата историја, во кој можевме да видиме, но и да слушнеме како се тргува со правото и до каде се овој октопод е раширен.

Очигледно е дека целиот прогон од власта кон опозицијата е да крене димна завеса кон ВМРО-ДПМНЕ, но додека трае линчот кон опозицијата, под завесата се шири октоподот на криминалот и рекетот на оваа власт што е секојдневие во Република Македонија.

Пред само неколку месеци беа притворени член на ИК и член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ како и други службеници за банално обвинение во управна постапка, но од друга страна гледаме дека на секој можен начин за случајот „Рекет“ пробуваат да прикријат како овој предмет да добие целосен расплет и да се стигне до сите што биле инволвирани. Со самото водење на целиот предмет народот е разочаран и не верува во правната држава, а уште помалку во институциите и во владата.

Затоа најдобро е веднаш да се повлечат од своите позиции и да се оди на предвремени парламентарни избори.

Од сите настани поврзани со случајот „Рекет“, очигледно е дека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со сигурност ќе има одговорност и веќе кривично е опфатена со ова дело, но дали ќе се стигне до врвот на пирамидата е прашање кое е круцијално и најсуштествено. Дали Катица Јанева ќе биде жртвено јагне за да не се стигне до врвот и да се прикрие целиот октопод ќе биде главниот расплет на настаните што ќе биде најважна тема во наредниот период, вели тој.

Во интервјуто Мисајловски зборува и за случаите на СЈО кои се водат против неговата партија. Од една страна прогонот на ВМРО-ДПМНЕ, а од друга страна аферата во чијшто центар е СЈО. 

Целта на овие и многу други предмети против функционери на опозицијата е како да се ослабне ВМРО-ДПМНЕ во очите на јавноста и да се прикажува во најцрна негативна конотација се додека оваа гарнитура ја држи власта. Се појасно му е на секој граѓанин дека целата хајка кон нас како политичка партија е да се промени името на државата, да се распродадат националните интереси, да се уценуваат политичари, а сето тоа да се прави преку судски постапки и интриги. Но, веќе оваа власт е целосно демаскирана и се што прави, прави во очај и се повеќе се дави во својата жива кал, вели Мисајловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.