Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски на денешната прес-конференција рече дека Зоран Заев ја најавил победата на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори.

Според него потпипувањето на Преспанскиот договор е резултат на прикривањето на криминалите на власта, наместените тендери , скандалозните договори и концесии и лиценци со кои се осиромашува народот.

Зоран Заев знае дека граѓаните не ја поддржуваат неговата антидржавна политика. Заев е соочен со одговорноста за пазарењето со највисоките национални и државни интереси и затоа се обидува да ги заплаши граѓаните дека ги чека крајот на светот доколку не го прифатат неговото виткање на кичмата како единствен начин да се преживее. Зоран Заев за да ги покрие криминалите, наместените тендери, скандалозните вработувања и уште поскандалозните договори, концесии и лиценци со кои се испумпаа стотици милиони евра од буџетот, се согласи да го потпише Преспанскиот договор кој директно задира во идентитетот на македонскиот народ. Зоран Заев се колнеше во жицата македонска, во внуците, во таткото и во дедовците дека немало да го менува Уставот и дека не се родил таков човек кој би се откажал од името Република Македонија. Зборот му траеше се додека неговите послушници не почнаа да рекетираат се живо во државата и се додека не почнаа да се штанцаат крвави тендери и да излегуваат на површина афери како „Леонардо“, „Сархемс“ и останати, рече Мисајловски.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ освои двотретинско мнозинство, рече тој, ќе стори се што е можно за да ги корегира штетите кои Зоран Заев и ги направи на Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да го ревидира Преспанскиот договор доколку освои двотретинско мнозинство и тоа не значи дека Македонија нема да биде дел од НАТО или дека ќе има помалку странски инвестиции. Напротив, Македонија ќе биде горд сојузник на нашите стратешки партнери, а странски инвестиции ќе има многу повеќе отколку сега, бидејќи странските инвеститори нема да ја заобиколуваат земјава притиснати од рекетот на соработниците на Заев, соопшто Мисајловски.

На новинарско прашање по прес-конференцијата како коментар на обвинувањата на Заев дека ВМРО-ДПМНЕ се заканува со поништување на Преспанскиот договор, Мисајловски порача:

Ние не се закануваме, ние покажуваме она што граѓаните го мислат и што ВМРО-ДПМНЕ го мисли, ние сепак стоиме позади тоа дека овој договор е штетен. И ќе биде штетен и ќе остане штетен бидејќи се задира во идентитетот, се задира во се она македонско. И точно така ние веќе неколку пати кажуваме дека доколку граѓаните ни дадат шанса ние ќе пробаме да го ревидираме. Не се закануваме по никого сакаме да имаме пријатели насекаде, но се разбира не треба да се срамиме од тоа што сме и никогаш нема да се срамиме. Ние сме Македонци и ќе останеме Македонци каде и да сме.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.