Таму нема само членови од ВМРО-ДПМНЕ, таму има членови од сите партии и луѓе кои што се аполитични, а можеме да видиме и луѓе од бившото раководство од СДСМ, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски во гостување во емисијата Анализа на ТВ 24.

Повикуваме на разум, побаравме лидерска средба односно средба за да се разговара за клучните работи во овој предлог кој што не е прифатлив за нас. граѓаните се револтирани затоа што ова се прави под маса, многу брзо и нетранспарентно. Поминуваат толку денови а не можеме да го видиме протоколот, што ќе има внатре. Граѓаните не знаат и не веруваат во институциите, и за жал можеме да видиме дека народот е изневерен и ова не може туку така брзо да се прави. Овие консултации требаше да бидат подолго време и да слушнат сите граѓани, а не само да направат една чек листа дека ги поминале сите политички партии или експерти. Ова се многу сериозни прашања и затоа вчера претседателот Мицкоски понуди рака повторно да седнеме и да разговараме за неколку работи бидејќи не може Македонија да го прифати ова, бидејќи влегуваме во слепа улица, истакна Мисајловски.

Потпретседателот Мисајловски изјави дека кога бил државен секретар во Министерството за надворешни работи бил дел од преговарачки процес, но како што нагласи тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ не прифатила ниту едно од барањата од страна на Бугарија, за заедничка историја, македонскиот јазик, како и дека барала реципроцитет, она што важи за Македонија, да важи и за Бугарија, додавајќи дека не може само Македонија да има обврски, потенцирајќи дека владата на СДСМ веднаш ги прифатила овие барања од страна на Бугарија.

Јас лично бев дел од преговарачкиот тим кога се преговараше овој договор, тогаш бев државен секретар во Министерство за надворешни работи. Но што беше спорно тогаш, а што е спорно денес. Три работи беа спорни. Прво, заедничката историја, значи ниту тогашната ниту претходната влада не го прифати тоа барање на Бугарија да имаме заедничка историја. Многу брзоплето потоа се прифати од страна на Владата на СДСМ, потенцираше Мисајловски.

Втора работа, што е многу важна, вели тој, е што баравме реципроцитет.

Како што се однесува за нив, така да се однесува за нас. Не може само Македонија да има обврски. И тогаш и тоа не се договори. А потоа владата на СДСМ веднаш го прифати. Исто така многу важно што го бараа е македонскиот јазик како што сега го бараат и како што стои во овие документи, истото го бараа и во договорот за добрососедство и претходно. И тоа беше една од главните работи и причини што ние како ВМРО-ДПМНЕ не го прифативме тој документи, рече тој.

Според Мисајловски, францускиот предлог не значи почеток на преговори за разлика од Албанија која после меѓувладината конференција ќе ги започне преговорите, бидејќи не е условена како што е условена Македонија да исполни задолжителни обврски како што е отворање на македонскиот Устав.

Ова не отворање на преговорите како за Албанија која што веднаш ќе ги почне веднаш по состанокот, туку Македонија има обврска да го смени Уставот. И тоа е задолжителна обврска, и тоа е клучна разлика, нагласи тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.