Во вечерашното издание на емисија „Што не е јасно?” гостуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен пратеник во Собранието на Република Македонија, Владо Мисајловски кој се осврна на лошите политики на Владата во однос на Ковид пандемијата, злоупотребата на европските средства, како и на други политички теми кои се актуелни во изминатиот период.

Според Мисајловски, европските пари кои биле дадени на државата за спроведување на одредени проекти, ќе треба и да бидат во извештајот кој претставува транспарентност во однос на потрошените пари.

Срамно е да се случуваат вакви работи, кои не само што не се синоним за една европска држава, туку се понижувачки за една земја која е претендент за членство во ЕУ. Во ред е што власта ја разреши Лидија Димова, да речеме дека таа постапка е во ред и за поздрав. Но, имаше неколку вакви случаи, меѓу кои случајот со Рашковски, Ден Дончев, Павле Богоевски и така натаму. За секое прекршување на законот мора да следи казна, мора да има правда во државата. Тоа е причината за протестите кои ги организираме и ќе ги организираме во иднина. Народот мора да се избори за правда во Македонија- вели Мисајловски.

Правдата, вели Мисајловски, иако беше главна парола на протестите кога СДСМ чекореше по улиците и бараше шанса да владее со земјата, сега сите сме сигурни во тоа дека правда во Македонија нема.

Фатен градоначалник во шверц со цигари, друг градоначалник фатен во поткуп, еден куп функционери вмешани во криминални дејствија, а за ниту еден нема обвинение, ниту било каква казна, рече Мисајловски.

Според Мисајловски, бугарските политичари можат да кажуваат што сакаат за нивната историја, но не и за македонската историја. Националните интереси не се мала работа, ниту пак е нешто што може да се занемари, едноставно не смее да се попушта за такви прашања.

Бугарските политичари велат дека Гоце Делчев бил Бугарин. Тоа не само што не е вистина, туку таквото размислување е повеќе од комично. Гоце Делчев е Македонец. Роден како Македонец и загинал како Македонец и точка. Тука нема што повеќе да се додаде. За револуциониери од калибарот на Делчев, Карев, Питу Гули и сите други, никој не смее ниту да разговара, ниту да преговара, ниту да донесува било какви одлуки. Сите тие се Македонци и ништо друго, вели Мисајловски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.