Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека ќе биде спроведен надзор преку Државниот здравствен и санитарен инспекторат за случајот со пациентката која, според објавите на социјалните мрежи, починала на Клиниката за гинекологија и акушерство.

Ќе иницираме соодветен надзор преку Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а доколку е потребно, и стручен надзор, изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција.

Од Клиниката за гинекологија и акушерство во соопштение до јавноста појаснуваат дека не се работи за родилка како што тоа е објавено на социјалните мрежи, туку за пациентка која е оперативно третирана. Пациентката, според соопштението од ГАК, починала утрово на КАРИЛ.

Пациентката е примена на ГАК на 21.04.2021 година со голем тумор на матката и е извршена операција на 22.04., со уреден оперативен тек. Во првите шест дена пациентката е стабилна и е на исхрана преку уста. Шестиот постоперативен ден, поради нагло влошување на состојбата (силна болка), пациентката повторно е подложена на оперативен зафат во присуство на абдоминален хирург заради утврдување на причините за влошување на состојбата. Интраоперативно е најдена спонтана руптура на тенко црево (најверојатно како резултат на претходните болести). Во договор со абдоминален хирург, пациентката е префрлена на Клиниката за дигестивна хирургија. На 11-от ден постоперативно, на Дигестивна хирургија, настанува повторна компликација со цревата најверојатно поради претходните болести и пациентката е повторно оперирана. Постооперативно пациентката е во стабилна состојба и хоспитализирана на Клиниката за дигестивна хирургија. Утрото на 09.05.2021 година, под сомнение за белодробна тромбоемболија, пациентката итно е префрлена на КАРИЛ, каде починала по многу кратко време, се појаснува во соопштението.

На социјалните мрежи беше објавено дека 33-годишна родилка починала на ГАК и оти наместо папочната врвца, и биле пресечени цревата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.