Министерството за правда преку соопштение до јавноста попладнево информира дека ги очекуваат амандманите на ВМРО – ДПМНЕ за предлог Законот за Јавното обвинителство, со цел заедничко носење на законот кој ќе овозможи практично имплементирање на сите меѓународни принципи за работа на јавното обвинителство.

Од правда информираат дека консултациите со политичките партии и пратенички групи од опозицијата продолжуваат, потсетувајќи дека поддршката за Законот за Јавното обвинителство е клучна за отворање на преговори за членство во Европската Унија.

Законот кој е во собраниска процедура ги имплементира сите меѓународни стандарди кои се однесуваат на областа на јавното обвинителство и значат заштита на човековите права, кои ја зајакнуваат независноста, неутралноста, отчетноста и ефикасноста во борба со криминалот од страна на обвинителството пишуваат во соопштението.

 

Од министерството посочуваат дека спремноста за развивање, но и целосно имплементирање на овие принципи, кои се наброени и во дописот на ВМРО-ДПМНЕ, се обврска на Владата, но исто така треба да бидат и обврска и заложба на сите политички партии чија ориентација е европската интеграција.

Само закон кој ќе овозможи ефикасна борба против криминалот и корупцијата и кој нема да содржи скриена амнестија, ќе може да ги отвори вратите на Европската Унија, посочуваат од министерството за правда.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.