Повеќе од една година беше потребно да се направи веб-страница на новото Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Откако е оформено, постои „црна дупка“ во однос на неговите активности што го прави своевиден фантом во Владата, пишува самопрашај.мк.

„Брзината“ на поставувањето на официјалната веб-страница само ја зголемува енигмата по прашањето што работи ова Министерство, посебно ако се земе предвид дека е меѓу рекордерите по бројот на вработени.

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците со здружени сили и двотретинско мнозинство од 80 пратеници го оформија парламентарните партии на 27 март 2019 година, трансформирајќи го дотогашниот Секретаријат за спроведување на рамковниот договор. Во него, има 1.406 вработени лица на чиишто плати се троши речиси целиот годишен буџет. Имено, за 2020 година буџетот на ова Министерство изнесува 542.785.000 денари, а од нив вкупните трошоци за вработените изнесуваат 523.665.000 денари.

Од Министерството велат дека во вкупниот број на вработени се вклучени и службеници предвидени за распоредување по други институции од јавниот сектор. Досега биле прераспределени 94 лица, а по формирањето на новата Влада, велат дека ќе продолжи процесот на преземање. Во однос на ова прашање, може да се почувствува револт во одговорите од Министерството од каде што укажуваат дека кај одредени институции постои бојкот во однос на прераспределбата.

Има институции коишто и покрај одлуката на Владата за преземање на вработените од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците  продолжуваат да не соработуваат и воедно да не одговараат на обврската за преземање, иако имаат потреба за нив, односно и покрај тоа што кај овие институции соодветната и правичната застапеност на етничките заедници е далеку од потребното задолжително законско ниво. Ова укажува дека и понатаму продолжува трендот на селективна примена и почитување на начелото на соодветна и правична застапеност, но и недостиг на поличка волја за преземање на вработените, велат од Министерството.

Универзитетски професори коишто добро ги познаваат проблемите во однос на организацијата на македонската админстрација се сложни дека формирањето на ова Министерство е нелогично. Според Борче Давитковски, професор на Правниот факултет станува збор за вештачко Министерство, чиишто вработени се фиктивна творба. Тој вели дека во позадината се кријат околу 1.500 лица коишто со години наназад формално-правно се вработени и земаат плата, но не одат на работа.

Бројот на вработени во Министерството за политички систем не верувам дека е повеќе од 20-30 луѓе, бидејќи е ново Министерство. А од тие 1.500 лица што не работат, некои се по Швајцарија, Австрија, Германија, т.н рамковни. Таа бројка за жал остана таква. Тоа е вештачко Министерство и мислам дека ова е многу погубно за буџетот. Министерството нема ни простор, ни место каде да ги сместат тие 1.500 луѓе. Тие очигледно и понатаму не доаѓаат на работа. Тоа е фиктивно Министерство и сметам дека треба да се укине, вели Давитковски.

Сличен е ставот и на неговата колешка, професорката Ана Павловска Данева.

Само политичарите, пратениците коишто неверојатно лесно успеаја да направат двотретинско мнозинство за создавање на ова Министерство и лидерите од тоа владејачко мнозинство можат да ги кажат своите политички аргументи за тоа – која била потребата од создавање на ова Министерство и негово „полнење“ со толкав број службеници, вели Павловска Данева.

Освен што до пред неколку дена немаше веб-страница, новото Министерство е невозможно е да се пронајде на Интернет само со впишување на неговото име, а нема профили на Фејсбук, Твитер и Инстаграм, ниту пак Јутјуб канал.

Целиот текст прочитајте го тука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.