Министерството за здравство најостро реагира за денешната прес-конференција на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во која се изнесени бројни невистини.

Во однос на обвинувањата дека во Министерството за здравство има сомнителни набавки, сакаме да ги потсетиме ВМРО-ДПМНЕ за одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во која се вели дека нема место за јавнообвинителска интервенција во предметот со јавните набавки во Министерството за здравство. Ова е и доказ дека нема сомнителни тендери, се вели во соопштението од Министерството за здравство.

Согласно член 76 од Законот за јавните набавки Договорниот орган може, по донесување на одлуката за јавна набавка, а пред објавување на огласот за јавна набавка, да спроведе технички дијалог со економските оператори. Со самото тоа што Министерството за здравство објавило технички дијалог и овозможило секој економски оператор да даде свои мислења и коментари, може да се види отвореноста и транспарентноста на самата постапка, иако Законот за јавни набавки дава можност да не се спроведе техничкиот дијалог.

Во ова фаза на постапката (технички дијалог), 4 (четири) економски оператори доставија коментари и предлози во однос на тендерската документација и истите се разгледуваат од страна на стручни лица.

Потенцираме, не е отворена јавна набавка за мамографи.

Од причина што постапката се уште не е отпочната/објавена на ЕСЈН самите понудувачи немаат можност да поднесуваат понуди, поради што се поставува прашањето како би можело Министерството за здравство да фаворизира некој економски оператор кога постапката не е објавена, односно не е завршен техничкиот дијалог, кога немаме конечна тендерска документација, која се објавува по завршување на техничкиот дијалог во кој ќе бидат јасно наведено што се прифаќа, а што не од коментарите и барањата од економските оператори кои што учествуваа во истиот, пишува во соопштението на МЗ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.